14.01.2013, 15:12 (ФОТО) Донација на семејството Керим за „Аџибадем - Систина“
„Олга и Асан Керим“ денеска и' подарија на клиничката болница „Аџибадем - Систина“ медицинска апаратура во вредност од 14.000 евра. Подарокот е сет хируршки инструменти наменет за минимално инвазивните кардиохируршки интервенции, кои единствено во регионот се изведуваат во „Аџибадем - Систина“ од еминентниот кардиохирург д-р Салис Таџер. Станува збор за операции со минимален ризик и компликации за пациентот, со кои се лекуваат проблеми на срцевите залистоци и артериите, како и срцеви аномалии кај деца. Донацијата ја предаде нивниот син, истакнатиот дипломат и публицист д-р Срѓан Керим.
„Зад овој емотивен момент стои историја и поврзаност на нашите две семејства Керим и Камчеви и нашите татковци кои знаеја да го ценат трудот на другите и со системска работа да дојдат до видни резултати. Донирањето треба да е критериум по кој треба да се вреднуваат луѓето кои работат за сопственото, семејното и општественото добро, без разлика дали се од левата или од десната позиција, без разлика на која националност и пол има припаѓаат, зашто таа останува. Но, и пример како да се комуницира, соработува и почитува и да се оддаде признание и на оние што создавале и работеле претходно“, истакна д-р Керим на денешната свеченост по повод донацијата во болницата „Аџибадем - Систина“.
Повод за донацијата, како што рече д-р Керим, е неговата желба да му се заблагодари на стручниот тим на „Аџибадем - Систина“, кој се грижел за неговата мајка, која лани почина, а износот на донацијата е оној што бил на нејзината штедна книшка.
„Донираните хируршки инструменти се особено важни зашто ќе се употребуваат за една од најприоритетните интервенции во кардиохирургијата“, беа зборовите со кои извршниот директор на „Аџибадем - Систина“, Јордан Камчев, се заблагодари за донацијата, која за него е доказ за почитување на принципот за општествена одговорност.(Ј.Ј.В.)
|