11.01.2013, 13:09 Бесими-Гунагли: Интензивирање на македонско-кинеската соработка
Продлабочување и интензивирање на меѓусебната соработка, како и потврда за меѓусебната почит и поддршка беа темите на кои денеска разговараа министрите за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими и на НР Кина Лианг Гуангли, кој се наоѓа во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата на која присуствувал и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, Бесими се заблагодарил за принципиелниот став на НР Кина во однос на стратегиските ориентации на Република Македонија, што е одраз на кинеската генерална политика која поаѓа од почитување на природното право на секоја земја самостојно да се води од своите интереси за национална безбедност и непречен развој.
- Благодарност беше искажана и за безусловната поддршка и признавањето на Република Македонија под нејзиното уставно име, подвлекувајќи дека НР Кина е значајна земја на светско ниво, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, како од економски аспект, така и од аспект на одбраната и безбедноста. За Република Македонија, Министерството за одбрана и за АРМ привилегија е да се има соработка со моќна армија како што е кинеската со над 2,5 милиони војници и со буџет од 22 милијарди долари, со еден збор еден од партнерите за респект за сите, како и за Северноатланската алијанса, соопшти Министерството за одбрана.
Ова е прва посета на министер за одбрана на НР Кина на Република Македонија, што укажува на континуираното продлабочување на пријателството помеѓу двете земји, како и меѓусебното почитување и разбирање.
АРМ ќе продолжи со соработката со кинеската армија, особено во областа на размена на искуства во мировните операции и во обуката на специјалните единици. Инаку, соработката со вооружените сили на НР Кина бележи забележителен развој и таа се остваруваше на полето на воената едукација, меѓународни студии и обука на инструктори за боречки вештини.
Со цел интензивирање на соработката меѓу двете земји, Република Македонија планира да испрати одбранбено аташе во НР Кина согласно донесената Стратегија за одбранбена дипломатија.
Кинескиот министер Гунагли искажал интерес за продолжување на билатералната соработка во областа на одбраната и во сите сфери од заеднички интерес, како и подготвеност за натамошна мултилатерална соработка во рамки на меѓународните организации.
На средбата биле разменети мислења и за можностите за интензивирање на економската соработка, при што претседателот Иванов изразил подготвеност за зголемување на трговската размена и соработката во областа на инвестициите, поздравувајќи ја воспоставената правна рамка меѓу двете земји.
Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими во декември 2011 година ја имаше првата средба со неговиот кинески колега Гунагли во Пекинг. Зајакнување на позитивната соработка и отворање нови можности за нејзино продлабочување, размена на искуствата во однос на реформите во областа на одбраната и поддршка во меѓународните мировни мисии, беа во фокусот на разговорите на разговорите на Бесими со Гунагли, како и со потпретседавачот на Централниот воен комитет, генерал Гуо Боксиан, во рамки на официјалната посета на Пекинг.
Министерот Бесими тогаш најави отворање на позицијата воено аташе на Република Македонија во НР Кина, како исклучително важно за зајакнување на билатералните односи на двете министерства за одбрана.
Македонскиот министер за одбрана го посети и Националниот универзитет за одбрана и Центарот за обука за операции за чување на мирот.
Во рамки на билатералната соработка еден војник од АРМ ја посетувал кинеската командно штабна академија, еден бил во школата за народна одбрана, тројца македонски војници ја посетувале Академијата за боречки вештини и тоа во период од една година, еден војник го посетувал курсот за специјалните сили, додека пак од кинеската армија двајца инструктори шест месеци престојувале во АРМ. |