10.01.2013, 15:41 Нимиц пристигна во Скопје
Медијаторот утре ќе се сретне со министерот Попоски, а дополнително се очекува да се соопшти и агендата за средби со Иванов и Груевски
Медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц, попладнево пристигна во Македонија.
- Убаво е да се биде пак во Скопје. Јас ќе работам навистина напорно за да видиме дали можеме да постигнеме некаков напредок, изјави Нимиц по пристигнувањето.
Се очекува тој утре на средби со македонскиот државен врв да презентира одредени идеи за надминување на долгогодишниот спор, откако тоа вчера го направи во Атина.
Засега официјално е најавена само средбата утре изутрина со шефот на дипломатијата Никола Попоски, а дополнително се очекув�� да се соопшти и агендата за средби со шефот на државата Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.
Нимиц во Грција имаше средба со премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос. По средбата тој изјави дека грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името.
Медијаторот Нимиц изрази задоволство што на средбата присуствувал и Самарас и истакна дека имале „куса, но интензивна дискусија“ и информира дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.
- Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме, рече Нимиц.
Тој нагласи дека не може да открие што презентирал, но изрази уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне „некакво решение“. |