12.01.2013, 12:49 Грчкиот Парламент одобри нови даночни измени
Грчкиот Парламент денеска одобри нови даночни измени, кои се наменети да донесат во буџетот 2,3 милијарди евра оваа година. Мерките се дел од обврските на Грција кон меѓународните кредитори.
Законот, кој е изгласан рано денеска со поддршка на сите партнери во владејачката коалиција, ја измени шемата за оданочување на доходите, се зголемува данокот на недвижниот имот и корпоративниот данок и се проширува даночната основа, за да бидат вклучени некои групи.
Согласно прифатениот текст, Грците кои заработуваат повеќе од 42.000 евра годишно ќе бидат оданочени со нова даночна стапка од 42 процента. Претходно највисоката даночна стапка изнесуваше 45 отсто за приходи над 100.000 евра.
Владата најави дека со новиот закон ќе се намали данокот за работниците и пензионерите со заработувачка под 25.000 евра годишно.
Даночната реформа е дел од пакетот мерки за штедење во вредност од 13,5 милијарди евра, кој Атина го прифати во ноември минатата година за да добие дополнителни кредити од ЕУ и ММФ, со цел да избегне банкрот.
|