14.01.2013, 14:01 (ФОТО) СП ВЕСТИ - Жолт картон за РФМ од ИХФ
Селекторот Звонко Шундовски не се појави на официјалната прес-конференција по натпреварот со Катар
ФОТО: Петр Стојановски
Ракометната федерација на Македонија доби опомена од ИХФ поради доцнењето при излегувањето на терен на натпреварот со Чиле. Со оглед на тоа дека грешката е кај водичот, казна нема да има, но следниот ваков прекршок ќе биде санкциониран со 2.000 евра.
„Фалангата“ со билети на попуст
Влезниците за натпреварите во Севилја воопшто не се евтини за македонски стандарди, но постои можност за попуст ако се купува во продавниците на некои од спонзорите. Така, билет од 15 евра станува 9, а билет од 20 евра чини 12.
Македонскиот тим обезбеди поголем број купони за попуст, па „фалангата“ првенството го гледа со намаление од 40 проценти.
Пак ни го утнаа селекторот
И во вториот ден од првенството „официјален“ селектор на Македонија беше Андон Бошкоски, најавен така на семафорот во салата пред мечот со Катар.
Организаторот направи гаф и со Драган Начевски, кој не е единствениот претставен под погрешно знаме, во случајов со црногорското. Четири играчи на Исланд во официјалната брошура се сместени во тимот на Катар, а во составот на Чиле е претставен ракометар кој, наводно, има 14 години.
Шундовски не дојде на прес
Селекторот Звонко Шундовски не се појави на официјалната прес-конференција по натпреварот со Катар. Образложението е дека кога Македонија победува, ќе доаѓа помошникот Андон Бошкоски, а кога ќе загуби ќе се појави, Шундовски за да ја понесе одговорноста пред јавноста. Но, ИХФ најверојатно, нема да го дозволи ова.
Редовен брифинг за новинарите
Македонскиот тим ја исправи грешката од олимписките квалификации во Гетеборг и за Светскиот шампионат реши секојдневно да организира брифинг со новинарите, надвор од вообичаените прес-конференции и индивидуални средби. (Р.Ѓ.)
|