14.01.2013, 13:26 Тунис ја шокира Германија
Африканскиот првак го совлада светскиот шампион од 2007 година со 25:23
Ракометарите на Тунис го совладаа поранешниот шампион Германија со 25:23 во второто коло од групата А и со тоа приредија уште поголемо изненадување од победата на Аргентина над Црна Гора на стартот на Светското првенство во Шпанија. Брилијантниот голман Маруан Магаез со неговите 16 одбрани, максималната борбеност до крајот и осумте гола на Ваел Жалуз го расчистија патот до првата победа на африканскиот шампион на мундијалот по тесниот пораз од бранителот на титулата Франција во првото коло.
Јужноамериканското дерби му припадна на Бразил, кој го совлада панамериканскиот првак Аргентина со 24:20. Европскиот првак Данска ја победи Русија со 31:27 во најинтересниот меч од групата Б, во која е и Македонија.
Резултати од второто коло, група А: Бразил – Аргентина 24:20, Тунис – Германија 25:23, Црна Гора – Франција 20:32. Табела: Франција 4, Германија 2, Тунис 2, Аргентина 2, Бразил 2, Црна Гора 0. Денеска: Тунис - Црна Гора (16 ч.), Германија - Аргентина (18,15 ч.), Франција - Бразил (20,45 ч.).
Група Б, второ коло: Чиле – Исланд 22:38, Катар – Македонија 30:34, Русија – Данска 27:31. Табела: Данска 4, Македонија 4, Исланд 2, Русија 2, Чиле 0, Катар 0. Денеска: Катар - Русија (15,45 ч.), Македонија - Исланд (18 ч.), Данска - Чиле (20,15 ч.).
Група Ц, трето коло, денеска: Јужна Кореја - Белорусија (15,45 ч.), Србија - Саудиска Арабија (18 ч.), Словенија - Полска (20,15 ч.).
Група Д, трето коло, денеска: Алжир - Египет (16,45 ч.), Шпанија - Австралија (19 ч.), Хрватска - Унгарија (21,15 ч.).
|