14.01.2013, 13:36 До 2020 треба да се отворат 600 милиони работни места
Лошата клима за инвестирање е главната пречка со кои особено се судира приватниот сектор при обидот да создаде нови работни места
Вработувањето во земјите во развој може да се забрза доколку креаторите на политиките и развојните институции како приоритетна цел си го постават отстранувањето на клучните пречки за растот со кои се соочува приватниот сектор. Ова го покажува новата студија на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка.
Според студијата „Оцена на придонесот на приватниот сектор кон создавањето нови работни места“, лошата клима за инвестирање, несоодветната инфрас��руктура, ограничениот пристап до финансирање за микро, мали и средни претпријатија, како и ограничената обука и квалификации, се четирите пречки со кои особено се судира приватниот сектор при обидот да создаде нови работни места.
Нивното елиминирање може значително да придонесе во креирањето нови вработувања.
Студијата излезе како надополнување на ланскиот Извештај на Светска банка за глобалниот напредок во 2013 година во вработеноста.
На светско ниво има околу 200 милиони невработени луѓе. Според процените на Светска банка, само за да се биде во чекор со порастот на населението, до 2020 година мора да се создадат 600 милиони нови работни места, главно во земјите во развој. Решението за тоа се наоѓа кај приватниот сектор, кој обезбедува девет од секои десет работни места.
„Невработеноста е глобална криза, особено ургентна во најсиромашните земји. Како најголема светска развојна институција сконцентрирана на приватниот сектор, нашето верување е дека најсигурниот пат за излез од сиромаштијата го обезбедува создавањето нови работни места. Неговата промоција во земјите во развој за нас е врвен приоритет“, вели Жинјонг Каи, извршен потпретседател на ИФЦ и генерален директор.
Според студијата, микро, малите и средните претпријатија го создаваат најголемиот број работни места во земјите во развој, но тие се и помалку продуктивни, даваат помали плати и не нудат доволно обука и можности за унапредување на своите вработени. Помалите фирми често се и најпогодени од пречките за создавање нови работни места, што значи дека не се во состојба да го достигнат својот полн потенцијал.
Пристапот до финансирање е клучната пречка за овие фирми. Неговото олеснување може да доведе до значаен напредок во создавањето нови работни места. Најголемиот број нови работни места се создаваат во рамки на синџирот на набавка и дистрибуција на фирмите.
Недостигот од енергија е најзначајниот ограничувачки фактор во земјите со пониски приходи. Обезбедувањето сигурен достап до енергија за фирмите би можело да го зголеми годишниот пораст на вработеноста за најмалку 4 отсто.
Жените и младите се соочуваат со посебни предизвици во вработувањето. Законските бариери, немањето пристап до финансии и културните норми често ги присилуваат жените да прифаќаат работни места кои се помалку платени и понесигурни. За младите луѓе постои скоро три пати поголема веројатност да бидат невработени. За нив е поголема и веројатноста да работат привремено.
Студијата открива дека секоја година работната сила се зголемува за 45 милиони луѓе. Сепак, повеќе од една третина од испитаните фирми насекаде во светот не биле во можност да најдат луѓе за вработување со квалификациите што им биле потребни.
Истражувањето е направено врз искуствата добиени од преку 45.000 деловни субјекти во над 100 земји, како и врз макро- и микростудии на примери од праксата, спроведени во Јужна Азија, Африка и на Блискиот Исток. (Ек.Р.)
|