10.01.2013, 15:49 Условни затворски казни за обвинетите во случајот „Бришач“
Обвинетите, по изрекувањето на условните казни, побараа време за консултации, односно да размислат дали ќе се жалат на пресудата
Судечки совет на скопскиот кривичен суд за 27 обвинети во случајот со измами на штета на осигурителни компании изрече условни затворски казни. На сите обвинети во случајот наречен „Бришач“ судот им изрече вкупен затвор од малку над 25 години, но со оглед на тоа што казната им е заменета со условна таа изнесува 75 години. Судечкиот совет кажа дека кај сите обвинети нашол докази кои упатуваат на нивна виновност, но дека штетите дополнително ќе бидат утврдувани.
Објаснувајќи зошто на некои од обвинетите им биле изречени условни казни во траење од четири или пет години, судијката која го раководеше овој процес рече дека тоа било сторено поради тоа што тие веќе минувале низ крим-евиденција.
Иако видно задоволни од казните, обвинетите сепак побараа дополнителни консулатаци со нивните бранители. Имено, ним им беше понудена можноста да се откажат од жалби по одлуката на Скопска „единица“ и со тоа пресудата да стане правосилна или, пак, да го користат правото на жалба до повисокиот суд. Тие беа обвинети за кривичните дела злоупотреба на службена белешка, фалсификат, обични и осигурителни измами, за што казните поединечно не минуваат повеќе од осум месеци.
Како што неофицијално се дознава и другата група обвинети во случајот „Бришач“ добиле условни заторски казни. За потсетување, овој случај беше проследен со голема помпа, бидејќи кривична пријава беа поднесени против 57 лица, меѓу кои имаше и 17 активни и пензионирани полицајци.
Кога пред малку повеќе од една година МВР го обелодени скандалот, беше кажано дека измамите со фингираните сообраќајни несреќи и наплати на лажни штети започнало уште во 2007 година, а дека само во месеците кога осомничените биле следени со примена на посебни истражни мерки било констатирано дека осигурителните компании биле оштетени за близу два милиона денари или нешто преку 30.000 евра. (Љ.С.) |