12.01.2013, 12:13 Чиле и Катар мора да паднат
Македонија викендов стартува на 23. Светско првенство во Шпанија. Капитенот Лазаров не очекува проблеми со Чилеанците денеска, а против Катарците утре вели дека ќе мора да се испотат
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Чиле е идеална можност за успешен старт на 23. Светско првенство за ракометари во Шпанија, па се' освен победа во денешниот натпревар од 15,45 часот во Севилја би бил рамен на катастрофа за македонската репрезентација. Катар е нешто друго, но ни домаќинот на следниот мундијал во 2015 година не би требало да претставува проблем за петтата ракометна сила во Европа, која е голем фаворит и во тој дуел од групата Б закажан за утре од 18 ч.
Ова е „мантрата“ што се слуша во ракометните кругови во Македонија уште откога се дознаа противниците во групата, во која „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите и со Исланд во вторник од 18 ч., со Русија в среда од 15,45 ч. и со европскиот првак Данска в петок од 20,15 ч. Капитенот Кирил Лазаров, пак, смета дека токму со аутсајдерите е најтешко да се игра.
„Првиот меч секогаш е најтежок. Мораме да победиме, како знаеме и умееме, макар и со еден гол разлика. Важни се бодовите, а со стартна победа и самодовербата ќе расте“, вели најдобриот македонски ракометар. „Физички сме извонредно подготвени, ќе ги претрчаме Чилеанците и ќе ги добиеме на искуство. Но, ќе треба и да внимаваме некој да не се повреди“.
Своето второ учество на мундијалите едноподруго Чиле го избори со бронзениот медал од Панамериканските игри, на кои ремизира со подоцнежниот првак Аргентина во рамките на групата, во полуфиналето изгуби од Бразил со 35:33, а во малото финале го декласира Уругвај со 37:27. Во своето деби на мундијалите во Шведска 2011 тимот на Фернандо Капуро заврши 22., откако во групата изгуби од домаќинот со 28:18, потоа од Јужна Кореја со 37:22, од Полска со 38:23 и од Аргентина со 35:25, но ја запре Словачка (29:29)! Најголема ѕвезда е пикерот Марко Онето (204 см), кој лани со Барселона ја освои Лигата на шампионите и потоа премина во Веспрем, но ќе го пропушти СП поради повреда.
За Катарците, пак, рекордерот по бројот на голови постигнати на едно СП (92 во Хрватска 2009) смета дека ќе мора да вложат многу поголем напор.
„Катар е многу посериозна репрезентација. Со нив ќе мора да се испотиме. Имаат балкански тренер (Словенецот Борут Мачек - н.з.), а ексјугословенската ракометна школа е најдобра во светот. Имаат систем на игра. Памет в глава со нив“, предупредува десниот бек на Атлетико Мадрид.
Кадетската и јуниорската селекција на Катар се азиски прваци, а сениорската лани во Џеда стана вицешампион на континентот по тесниот пораз во финалето од Јужна Кореја. На земјата-домаќин на турнирот „Суперглоуб“ што се третира како светско клупско првенство ова ќе и' биде четврти настап на планетарните шампионати, а најголем успех и' е 16. место во Португалија 2003. За катарскиот првак Ал Сад на „Суперглоуб“ има играно и Лазаров.
На „Жолтиот куп“ во Швајцарија неодамна Катар загуби од домаќинот, но ремизира со Белорусија и ја совлада Австрија, противникот на Македонија во баражот за ова СП.
РАСПОРЕД
Група А, Гранолјерс, денеска: Германија - Бразил (16 ч.), Аргентина - Црна Гора (18,15 ч.), Франција - Тунис (20,45 ч.). Утре: Бразил - Аргентина (15 ч.), Тунис - Германија (17,20 ч.), Црна Гора - Франција (19,30 ч.).
Група Б, Севилја: Македонија - Чиле (15,45 ч.), Исланд - Русија (18 ч.), Данска - Катар (20,15 ч.). Утре: Чиле - Исланд (15,45 ч.), Катар - Македонија (18 ч.), Русија - Данска (20,15 ч.).
Група Ц, Сарагоса, денеска: Србија - Јужна Кореја (15,45 ч.), Словенија - Саудиска Арабија (18 ч.), Полска - Белорусија (20,15 ч.).
Група Д, Мадрид, денеска: Хрватска - Австралија (16,45 ч.), Унгарија - Египет (19 ч.), Шпанија - Алжир (синоќа).
|