07.01.2013, 15:24 Рајковиќ и официјално во Работнички
За Емил Рајковиќ доаѓањето во „Градски Парк“ практично ќе биде враќање на местото каде што ја започна својата играчка кариера
По седум години минати на „кормилото“ на Фени индустри, Емил Рајковиќ и официјално потврди дека заминува од Кавадарци. По неколку дневниот молк младиот стратег преку соопштение се раздели со клубот, а веќе во наредните денови се очекува негова промоција како предводник на најтрофејниот македонски колектив Работнички. За Рајковиќ доаѓањето во „Градски Парк“ практично ќе биде враќање на местото каде што ја започна својата играчка кариера.
„Кога пред седум години во времето на првиот претседател на клубот Димитар Ѓорѓиев добив пови�� од човекот кој во сите овие години беше икона на клубот Илија Хаџи - Николов, а по препорака на тогашниот играч на Работнички Горан Самарџиев, не можев ниту на сон да замислам дека престојот во Кавадарци тотално ќе го смени мојот живот. Во тој град каде претходно имав доаѓано многу ретко, полека со текот на годините вистински го засакав. Клубот кој растеше заедно со мене придонесе мојот живот да добие смисла бидејќи мојот живот е кошарката. Не успеав да направам преголема играчка кариера, но затоа Фени индустри ми даде шанса кога бев се уште млад и неафирмиран тренер да водам еден тим кој беше на својот почеток и со голема амбиција да стане лидер и основен двигател на кошарката во Македонија. Затоа сакам посебно да се заблагодарам на Амир Абед и Јусуф Миракхмедов, ме поддржаа кога ретко некој сакаше да го стори тоа. Имаа храброст и визија да препознаат во мене млад, гладен за успех, талентиран тренер. Секогаш стоеја зад мене и затоа им порачувам „Успеавме’’“, стои во емотивното соопштението на Рајковиќ.
„Успесите на Фени ќе останат запишани во историјата на Македонија бидејќи Фени стана втор клуб во историјата по број на освоени трофеи (три шампионски , две Куп Титули , но и прв и единствен клуб што освоил меѓународна титула во историјата на македонската кошарка. Сите тие успеси немаше да постојат доколку ја немавме фанатичната подршка од трибините, од нашиот шести играч - публиката. Кога велам публиката правам дистинкција од најверните „Лозарите“, тие ни покажаа дека младите повеќе разбираат“,
Во продолжение младиот тренер потврдува дека причината поради која што оваа информација не беше веднаш потврдена е убедувањето на актуелниот претседател на клубот Арвин Мундхра дека Рајковиќ не треба да се замине од Фени.
„На актуелниот претседател Арвинд Мундхра иако можеби мисли дека не сум во право, му порачувам дека на Фени индустри ќе му биде подобро доколку во овој момент се разделиме. Во ситуација кога ништо повеќе не е исто, на клубот а и на мене ни треба нов почеток, нов предизвик, нова мотивација за работа. Во периодот на зимската пауза управата на клубот ќе има доволно време да го компензира моето заминување и да ангажира дополнителни засилувања. Затоа мислам дека моето заминување во овој момент е погодно како клубот би имал време да ги преземе соодветните чекори“.
Во таборот на Работнички Рајковиќ доаѓа на местото на Марјан Лазовски со кого управата на клубот се раздели поради незадоволство од постигнатите резултати во првиот дел од сезоната. Новиот стратег на „црвено-белите“ го чека тешка задача, во вториот дел од првенството ќе треба на Работнички кој во моментов е на шестото место да му обезбеди место во Супер лигата. (М.К.)
|