10.01.2013, 14:48 Костовски во полска Корона
Најефикасниот фудбалер на Вардар и во Првата лига ќе игра за прволигашот од Кјељце
Најефикасниот фудбалер во Првата макеоднска фудбалска лига и член на Вардар, Јован Костовски, стави потпис на договорот со полскиот прволигаш Корона од Кјељце. Тој веќе ги прифати условите од Полјаците и денеска се чекаат само лекарските прегледи за робустниот напаѓач и официјалнода стане член на 13-пласираниот тим на табелата во Првата лига на Полска. Корона (не)очекувано е екипа која сезонава се бори за опстанок, а има големи шанси да го обезбеди со оглед на тоа дека има десет бода повеќе од првиот тим во опасната зона.
Костовски е првото име што заминува од Вардар и прво од оние кои се очекуваше да отидат од таборот на шампионот во зимскиот преоден рок, кој почна на Нова година и ќе трае до 2 февруари. Заминувањето на Костовски ќе значи дека Вардар под итно ќе мора да бара напаѓач оваа зима, затоа што тој беше најефикасниот играч со 13 голови од првата полуетапа.
Не се познати многу детали околу договорот на Костовски со Корона. Се шпекулира дека неговата верност на Корона ќе биде на две и пол години, а Вардар нема да добие пари за овој трансфер, бидејќи тој во договорот со „црвено-црните“ има клаузула според која, ако има странска понуда, заминува како слободен фудбалер. Тој беше и во „шемата“ на белградски Партизан. Се шпекулираше за негова селидба во Белград, но тој ја избра Полска пред Србија.
За Костовски интернационалните предизвици не се ништо ново. Ова за напаѓачот ќе биде трет клуб од странство, откако претходно играше во грчкиот прволигаш ОФИ, како и во турскиот второлигаш Ордуспор. На Крит во ОФИ беше две години пред да се врати како член на Металург, а во 2010 година замина во Турција. Таму ја одигра целата сезона, но се реши да се врати одново во Вардар, тим во кој ја почна својата кариера. Костовски доби шанса за настап и за А селекцијата на пријателскиот натпревар токму против Полска, земјата во која ќе настапува во иднина. Исто така има пет настапи за младата репрезентација на Македонија.
Стјепановиќ по стапките на Костовски?
Во Полска во овој преоден рок може да замине уште еден член на Вардар. Станува збор за најдобриот фудбалер во Македонија за 2012 година, Остоја Стјепановиќ кој е посакуван од Висла Краков. Дали и Остоја Стјепановиќ ќе ги следи стапките на Костовски, останува да се види во наредните неколку дена. Исто така за Стјепановиќ има интерес и од Германија, поточно од второлигашот Јан Регенсбург, меѓутоа засега полската варијанта е посигурна. Во секој случај Вардар ако остане и без услугите на Стјепановиќ, тоа ќе биде голем хендикеп, и ќе треба да бара нивни замени и тоа веднаш. Подготовките стартуваат утре, и тренерот Боби Милевски ќе сака на располагање да го има целиот кадар со кој ќе располага низ пролетниот дел, во кој ќе се бори за одбрана на шампионската титула.
|