08.01.2013, 13:07 Даскалоски и М. Стоилов отпаднаа за мундијалот
Селекторот Шундовски реши во Шпанија да води 18 играчи, од кои двајца ќе бидат резерва
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Голманот Златко Даскалоски и левиот бек Митко Стоилов нема да бидат дел од ракометната репрезентација на Македонија на претстојното Светско првенство што ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија. Селекторот Звонко Шундовски реши да ги изостави од списокот на патниците за Севилја, каде што в четврток ќе заминат 18 ракометари, од кои двајца ќе бидат резерва. Даскалоски кон крајот на декември се врати од црногорски Ловќен во Македонија за повторно да го облече дресот на Вардар про, а Стоилов последниве месеци се бореше за место во тимот на Металург по долготрајнат�� рехабилитација за повредата на ногата. Обајцата ги одработија подготовките во Пореч пред Нова година, а беа дел од составот и на двете контролни средби во Ниш пред Божик.
„Целосно сме задоволни од тоа што го покажа Даскалоски и сериозно сметаме на него за наредните настапи на репрезентацијата. За Стоилов, пак, лекарскиот тим смета дека се' уште не е на потребното ниво на физичка подготвеност за големите напори што ги бара играњето на големо натпреварување. Двајцата не се отпишани и ќе добијат шанса во иднина“, ја објасни својата одлука Шундовски.
Наспроти очекувањата, шефот на Стручниот штаб на националниот тим за Шпанија ќе поведе по тројца пикери (Димовски, С. Стоилов и Н. Маркоски) и десни крила (Темелков, Георгиевски и З. Мојсоски). На голманската позиција се Ристовски и Митревски, леви крила Манасков и Ојлески и бекови Ангеловски, Ф. Лазаров, Јоновски, Н. Мојсоски, В. Маркоски, Миркуловски, К. Лазаров и Левов.
На двата последни контролни натпревара пред своето трето учество на светските шампионати Македонија во Ниш прво го совлада Египет со 32:28 (18:12), а потоа загуби од Србија со 26:25 (13:13). Капитенот Лазаров беше најефикасен против Египќаните со седум гола, Н. Мојсоски постигна шест, Манасков пет, Миркуловски четири, С. Стоилов, Ангеловски и Ојлески по два и Темелков, З. Мојсоски, Н. Маркоски и Левов по еден. Против Србите повторно најпрецизен беше Лазаров, кој даде 11 гола, Манасков пет, С. Стоилов и Георгиевски по два и Миркуловски, Н. Мојсоски, Димовски, Ф. Лазаров и Левов по еден.
|