07.01.2013, 21:25 (ФОТO) Меси четврти пат ја освои Златната топка
Аргентинскиот фудбалски виртуоз запиша нов рекорд откако вечерва во Цирих по четврти пат ја освои најпрестижната фудбалска награда
Аргентинскиот виртуоз Лионел Меси запиша нов рекорд откако вечерва по четврти пат ја освои најпрестижната фудбалска награда, „златната топка“, на гала-церемонијата во Цирих. Ниту еден фудбалер не бил така доминантен како аргентинскиот виртуоз, па четвртата рекордна награда само потврдува дека во моментов нема конкуренција во светскиот фудбал и уште повеќе ја продлабочува дебатата дали е најдобриот фудбалер на сите времиња.
Со ова најново блескаво признание фудбалскиот волшебник го напуш��и друштвото на легендарните Мишел Платини, Јохан Кројф и Марко ван Бастен, кои имаат по три титули, и сам се искачи на тронот, потврдувајќи дека без разлика што има само 25 години, и официјално стана најдобар фудбалер воопшто во историјата досега.
- Ова е неверојатно, не можам да поверувам, без разлика што не ми е прв пат да го добијам ова признание. Сакам да им заблагодарам на финалистите, на мојот пријател и соиграч Иниеста, но и на мојот пријател надвор од теренот, а ценет противник на него, Роналдо. Им благодарам на сите мои соиграчи од Барса, од аргентинската репрезентација, тренерите, роднините и пријателите, како и мојата сопруга, без чија поддршка немаше да станам тоа што сум – изјави секогаш скромниот Меси.
Најдобра фудбалерка на годината е прогласена Американката Аби Вомбах, тренер за 2012 е шпанскиот селектор Висенте дел Боске, додека добитник на наградата „Ференц Пушкаш“ за најубав гол е Словакот во Фенербахче, Мирослав Штох.
Во изборот на идеалниот тим на годината преку 40 професионални фудбалери одлучија дека најдобрите се од Шпанија, поточно од Барселона и Реал Мадрид, плус Радамел Фалкао од Атлетико Мадрид.
Идеален тим на светот: Касилјас – Алвеш, Пике, Рамос, Марсело – Алонсо, Чави, Ернандез, Иниеста – Меси, Фалкао, Роналдо.
|