11.01.2013, 12:21 Домаќинот во лов на „експертите“
Шпанија се смета за најсериозен кандидат за престолот што го запоседнаа Французите на двете последни светски првенства
Шпанија и Алжир вечерва од 19 часот во „Каха махика“ во Мадрид ќе го отворат 23. Светско првенство за ракометари. Тој натпревар од групата Д е единствен предвиден за првиот натпреварувачки ден на шампионатот што ќе трае до 27 јануари.
Токму домаќинот многумина го гледаат како најсериозен кандидат за симнување од престолот на популарните експерти од Франција, кои триумфираа на двете последни светски првенства во Хрватска 2009 и во Шведска 2011. „Фуријата“, која својот единствен победнички пехар од планетарните ракометни собири го крена во Тунис 2005, првпат ги пречекува најдобрите репрезентации во светот. Со оглед на популарноста на овој спорт во Шпанија, поддршката од трибините може да биде клучниот фактор во детронизирањето на „триколорите“.
Оската на селекцијата што го освои бронзениот медал на претходниот шампионат во Шведска и која на ланското ЕП во Србија заврши четврта ја сочинуваат Хулен Агинагалде, Арпад Штербик и Виран Морос. Баскиецот Агинагалде (30) е соиграч на Кирил Лазаров во Атлетико Мадрид, еден е од најдобрите пикери во светот, а беше и еден од петте номинирани од ИХФ за најдобар ракометар во 2012 година. Голманот Штербик веќе три години го носи дресот на Шпанија, откако претходно бранеше за Србија, и во отсуство на повредениот Хосе Омбрадос ќе носи голем товар на плеќите. Левиот бек Морос е клучен шраф во одбранбениот систем на селекторот Валеро Ривера.
На хартија, сепак, Франција останува прв фаворит. По разочарувачкото ЕП во Србија, четата на Клод Онеста се врати во голем стил со триумфот на Олимпијадата во Лондон. Со оглед на тоа дека очекуваниот егзодус на најдобрите во тимот по ОИ не се оствари, се прости само Гијом Жил, никој не би отпишал селекција во која се Тиери Омејер, Жером Фернандез, Дидие Динар, Никола Карабатиќ и ракометарот на годината во светот Даниел Нарсис. Кога на нив ќе се додадат суперталентите Ксавиер Бараше, Вилијам Акамбре и Матје Гребије, јасно е дека на Шпанците ќе им треба многу повеќе од навивачка поддршка за да ги симнат од врвот.
Кругот на фаворити го затвораат европскиот првак Данска предводена од Микел Хансен и Хрватска, иако првпат по цела деценија без ракометниот „Моцарт“ Ивано Балиќ, кој селекторот Славко Голужа го изостави од списокот за СП.
|