11.01.2013, 18:21 Голгота на ракометарите по европските аеродроми
Цели 17 часа траеше патешествието на македонските ракометари од Скопје до Севилја, каде што денеска ќе стартуваат на Светското првенство
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Наместо да размислуваат за својот прв натпревар на Светското првенство во Шпанија, закажан за денеска од 15,45 ч. против Чиле, македонските ракометари вчера ги средуваа впечатоците од целодневното патешествие до Севилја. Тоа што треба да претставува рутина, се претвори во 17-часовна голгота по аеродромите низ Европа, која требаше да заврши во текот на вчерашниот ден со префрлување од хотелот каде што беа привремено сместени во официјалниот хотел на првенството. Потоа, во 16 часот репрезентацијата требаше да го одржи и првиот тренинг.
„Не сакам да ја нарушам атмосферата. Најважно во моментов е да се сконцентрираме на тоа што не' очекува на првенството. Да не отидеме во друг правец, па да испадне дека се подготвувавме за џабе. Најлошо е сега ова да не' заслепи. Памет за друг пат“, ни изјави по телефон капитенот Кирил Лазаров додека со соиграчите се селеа од еден хотел во друг.
Наместо од Ракометната федерација на Македонија, потврдата за пристигнувањето на експедицијата што во четвртокот рано наутро тргна на пат за Шпанија стигна од нашинецот Јосиф Мирчески, кој со семејството веќе четири години живее и работи во Севилја. Специјално за оваа пригода, Јосиф отвори страница на интернет www.osvoijasevilja.com со сите потребни информации за тие што ќе заминат да ја бодрат македонската репрезентација во натпреварите од групата Б.
„Како и секогаш, проблеми со превоз, сместување итн., но засега се' добро се заврши. Момчињата се преморени од долгиот пат. Да им посакаме да се одморат најдобро што можат, за да можат да ги остават срцата на теренот! Ајде да им покажеме дека цела Македонија е со нив!“, напиша Мирчевски на својот веб-сајт. Тој со своите шпански пријатели Чаро и Маноло обезбедил алтернативен автобус за ракометарите, иако работното време на превозниците беше завршено или автобусите им беа зафатени.
„На играчите им обезбедивме и сала за да можат да се истегнат малку, но времето за тренинг го поминале чекајќи го официјалниот автобус од организаторот“, вели тој, заблагодарувајќи му се на Антонио Морелја, претседател на ракометниот клуб Дос Ерманас, кој без проблем се согласил да ја ослободи салата за македонските ракометари. „За жал, на играчите на клубот не им се исполни желбата да ја видат петтата европска ракометна сила во нивната сала“.
Како во филмот „Најдолгиот пат“, се' почна во четвртокот во 3 часот наутро, кога репрезентацијата отпатува со автобус од Скопје за Софија, од каде што претпладнето продолжи со авион на нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ до Рим. Таму слетала на аеродромот „Фјумичино“, од каде што по 40-минутно возење со автобус стигнала на аеродромот „Чампино“, а оттаму требаше да полета за Севилја исто така со нискобуџетната авиокомпанија „Рајан ер“. Но, тука се појавил проблем со прекумерната тежина на багажот, за што треба дополнително да се плаќа, па следувале долги преговори за на крајот, сепак, да се полета за Севилја, каде што ракометната селекција на Македонија пристигнала околу 20 ч. Сведоци на случувањата биле 15-ина македонски навивачи, кои патувале заедно со репрезентативците.
Целиот галиматијас е последица на откажувањето на чартерот една недела пред заминувањето за Шпанија, а со кој националниот тим требаше да пристигне вчера. Причина е недоволниот интерес за седумдневниот аранжман, за кој уплатиле помалку од 30 ракометни фанови. За да се покријат трошоците од околу 80.000 евра, требало да има најмалку 150 патници.
По откажувањето на чартерот, на РФМ и' биле дадени три-четири понуди, а таа се решила за оваа поради тоа што само со неа можело да се стигне до Севилја за еден ден. Патувањето со редовна линија било елиминирано како многу скапа опција. На крајот, преморот и голготата може да ја изместат репрезентацијата од курсот и тоа да биде, всушност, најскапата опција. |