16.01.2013, 13:46 Попоски: Предлогот на Филе е позитивен
Шефот на македонската дипломатија смета дека иницијативата за трилатерална средба може да придонесе кон градењето доверба меѓу двете земји
Позитивен предлог кој може само да придонесе кон дополнително градење на довербата меѓу двете земји, е оценката на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на иницијативата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за трилатерална средба со грчкиот министер за надворешни работи Димитис Аврамопулос.
Според него, со ваквата иницијатива не се изместува процесот за надминување на спорот за името под мандат на Обединетите нации, туку ќе придонесе за, како што вели, „задржување на кредибил��тетот на евроинтеграциите што е од клучно значење на Европската комисија“.
- Мислам дека сите имаат интерес за зачувување на кредиблитетот на европските интеграции без никаков исклучок. Сметам дека секоја земја-членка на ЕУ има интерес во зачувување на тој кредибилитет и клучни играчи во зачувување на тој кредибилитет треба да бидат оние кои го предизвикале тој кредибилитет во минатото, а ние како земја-кандидат имаме интерес да бидеме конструктивен партнер во градење на дијалог кој ќе ни овозможи надминување на непринципиелни препреки поставени во минатото. Така што сметам дека е добро да се има комуникација, позитивно е да има придвижување во тој правец и мислам дека е логично во ова ирско претседателство да се донесат одлуки кои би обезбедиле зачувување на тој кредибилитет во наш интерес, во интерес на земјите-членки и секако на Европската комисија, рече Попоски.
Најавената средба на посредникот во грчко-македонскиот спор со името Метју Нимиц со претставниците на двете земји, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, министерот Попоски ја оцени како позитивна и во контекст на заложбите за динамизирање процесот и на комуникацијата.
Попоски се осврна и на бојкотот на Собранието од страна на опозицијата, истакнувајќи дека институционалниот дијалог е начинот за надминување на политичките разлики, а евроинтеграцијата на земјата треба да биде водилка во носењето на одлуките.
- Пред се` е на нас и нашите политички чинители да ги почитуваат оние принципи кои ги промовира и самата ЕУ, а тоа е институционален дијалог и надминување на сите можни разлики во рамки на институциите. Сметам дека во тој контекст европската агенда треба да ни биде на највисоко рамниште и да не води во носењето на одлуките во иднина, рече Попоски на новинарско прашање дали земјата е поблиску во однос на својата ЕУ-агенда, а во контекст на посетата на земјава на директорот на Директоратот за проширување на ЕУ Стефано Санино. |