18.01.2013, 09:21 Данска јаготка на шлагот
Лазаров ветува воинственост во мечот во кој ќе се бара одмазда за несреќниот пораз лани на ЕП и избегнување на Франција во осмина финалето
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Изразот на лицето на Кирил Лазаров по големото враќање и ремито со Русија кажа се'. Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија со вресок ги ослободи емоциите насобрани во мечот за инфаркт, но вети дека и тој и соиграчите дополнително ќе се мобилизираат за дуелот со Данска вечерва од 20,15 ч. во Севилја. Најдобриот македонски ракометар побара воинственост од „соборците“ во црвено-жолти дресови против европскиот шампион заради избегнување на бранителот на титулата Франција во осмина финалето на мундијалот во Шпанија. Мотивацијата ја крева до небо и желбата за одмазда за несреќниот пораз од 32:31 пред една година во Белград на стартот од вториот круг на Европското првенство во Србија. Токму Лазаров биеше за победа седум секунди пред крајот, но го погоди данскиот голман Никлас Ландин, а молњевитата контра со гол ја круниса десното крило Ханс Линдберг за почеток на данскиот поход до златото.
„Ги слушнавме изјавите на данскиот селектор Улрик Вилбек дека на Исланѓаните им ветил победа над Македонија. В ред, ние ќе се фокусираме на тоа што ќе го играме ние. Нашата одбрана треба да биде агресивна, но кога ова го велам мислам да сме воинствени на работ на грубост или инцидент, нормално, мислам во спортска смисла“, не му останува должен македонскиот голгетер на данскиот селектор. „Данска е силна репрезентација, една од најсилните во моментов. Мое мислење е дека се многу посилни од ЕП и од Олимпијадата. Тие претходно со Могесен во тимот беа побавни, но со Мелгорд станаа многу побрзи и поопасни. Го имаат Хансен, за кој не треба коментари, го имаат Маркусен, кој напредуваше многу оваа година, го имаат и Сондергорд, кој е добар десен бек. Добија многу и со Нодезбо, Тофт Хансен има зад себе сезона во Бундес-лигата и е многу подобар отколку што беше. Спелеберг, исто така, дава опции ако им ’згусти‘“.
Лазаров, кој има 31 гол на досегашните четири средби, се осврнува и на математиката, која вели дека е неопходна победа над сигурно првата Данска за избегнување на четвртото место во групата. Поволна околност е тоа што пред дуелот со Данците во групата А од 18,15 ч. ќе се судрат лидерот Франција со осум бода и Германија, која има два помалку, но со победа „панцерите“ ќе завршат први на табелата. А тие се неспоредливо поповолен избор од светскиот и олимписки првак.
„Калкулации има многу, а ние имаме само една цел - да ја избегнеме Франција. Може да се случи Германија да биде прва во таа група, може да се случи незгодниот Катар да го совлада Исланд или ние Данска. Но, во краен случај, и да треба да играме со Франција, нема да се предадеме. И против нив ќе се обидеме да направиме сензација“, порача десниот бек на Атлетико Мадрид.
Селекторот Звонко Шундовски нагласува дека Данска не се сведува само на бекот Микел Хансен, кој лани во Белград ни даде шест гола во низа во второто полувреме и кој прексиноќа против Исланд беше прогласен за играч на натпреварот во кој постигна седум гола.
„Не треба да внимаваме само на Хансен. Данска е тим. Без разлика со кого играат, тие не се зависни од еден ракометар и затоа се подготвуваме за нивниот систем, а не за нивните поединци. Очекуваме да ја задржат одбраната 6-0, со тоа што нема да не' изненади ако играат и зона 5:1 насочена кон Лазаров“, вели Шундовски. „Ме радува што сите наши ракометари влегуваат во ритам, па Митревски и Георгиевски беа решавачки фактори против Русија. Целта е да ја спуштиме Данска под нејзиниот просек од 38 гола по натпревар“.
Филип Лазаров одвај ја чека новата средба со данските ракометари.
„Знаеме со каков противник си имаме работа, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме. Данска на овој шампионат игра најмодерен и најквалитетен ракомет. Уживање е да се гледаат, но ќе уживаме и да играме против нив“, изјави помладиот брат на македонскиот капитен.
На Данците ништо не им значи вечерашниот меч во резултатска смисла, бидејќи сигурно ќе останат на чело во групата Б, во која водат со осум бода, пред Русија и Македонија со по пет, Исланд со четири, Катар со два и Чиле без бодови. Но, селекторот Вилбек не мисли така.
„На Исланд му ветив дека ќе играме на победа и ќе си стојам на зборот“, рече Вилбек на прес-конференцијата по мечот со скандинавскиот ривал. Претходно, за пресметката со Македонија изјави: „Ние ќе одиме на победа. Се' друго може да не' исфрли од ритам. Кога сме во победничка серија, лошо ќе биде да ја прекинеме“.
„Убиецот“ на Македонија во Белград, Ханс Линдберг, добро го памети тој меч.
„Тоа беше спектакуларен натпревар. Не само што беше убав за гледање, со многу голови и драматичност, туку беше и многу важен, затоа што беше пресвртница за нас на првенството. Ако загубевме, ќе бевме елиминирани, но победивме и подоцна стигнавме до златниот медал“, се сеќава Линдберг, но овој пат очекува поинаква слика. „Очекувам на теренот повеќе време да поминат играчите кои досега главно беа на клупата. Но, не знам што ќе биде, за тоа ќе реши селекторот. Во секој случај, одново ќе биде интересен натпревар“. |