18.01.2013, 18:04 „Пуцко петрол“ купи 11 отсто од капиталот на ОКТА
Сопственик на оваа фирма е Исмаил Јаоски, градоначалник на Пласница, кој платил 625.000 евра за акциите на ПИОМ од ОКТА
Маjа Томиќ
„Пуцко петрол“ од општина Пласница е купувачот на 11 отсто од капиталот на ОКТА. Сопственикот на оваа фирма е градоначалникот на Пласница, Исмаил Јаоски, во чија сопственост се неколку бензински пумпи во земјава.
Оваа фирма во две трансакции минатата недела, како што веќе беше објавено, купи над 90 илјади акции од ОКТА, за што плати вкупно 625.000 евра. На Македонската берза пред десетина дена Фондот за пензиско осигурување, ПИОМ, понуди на продажба приоритетни и обични акции во повеќе компании, а најголем интерес имаше за оние на ОКТА, кои речиси веднаш се продадоа. При тоа, не се откриваа деталите за тоа кој е купувачот. Тоа не го посочуваше ниту брокерската куќа која ги реализираше трансакциите. Од акциите што ги продаде, ПИОМ на сметка инкасира 730.000 евра.
Инаку, „Пуцко петрол“ во јавноста се спомнуваше почесто пред повеќе од една година, кога го доби тендерот за бензинска во Ново Лисиче, вреден 1,6 милиони евра. Трката се водеше за земјиштето спроти постојната бензиска на „Лукоил“, а во последните 6 минути од наддавањето, во конкуренција на „Глобал интернешанал“, „Макпетрол“, „Интер лук“ и „Лукоил“, за 1.000 денари повеќе „Пуцко петрол“ го доби тендерот, откако претходно даде банкарска гаранција од 80.000 евра. Изградбата на оваа бензиска е во тек и веројатно на неа ќе стои натписот на ОКТА, бидејќи „Пуцко петрол“ е ребрендирана бензиска на ОКТА.
Инаку, како што може да се види на веб-страницата на Регулаторна комисија за енергетика, минатиот јуни беше поведена постапка за одземање на лиценците на „Пуцко петрол“ за вршење енергетска дејност трговија со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт. Постапката завршила кон крајот на 2012 година и од овој месец на фирмата и' се одземени сите овие лиценци, освен онаа за трговија со екстра лесно гориво. Но, тоа, како што велат наши извори, не е пречка фирмата да продава деривати на бензинските пумпи кои може да ги набавува од друг трговец. Според Законот за енергетика, како што оценила Регулаторна, „Пуцко петрол“ не поседувал оперативни резерви од нафтени деривати и горива за транспорт за покривање петдневен просечен обем на трговија што е пресметано врз основа на остварениот обем на тргување за дериватите за кои е издадена лиценца.
„Не е јасно како може да се спечалат толку пари од работење со бензински пумпи. Тоа не е можно. А, во случајот со купување акции од ОКТА се платени околу 650.000 евра, и за повеќе од двојно за добивање на тендерите за изградба на бензински пумпи на атрактивните локации во Скопје. Едната, како што се знае, е во Ново Лисиче, а од неодамна е добиен тендер и за Кисела Вода“, велат наши извори.
Името на Исмаил Јаоски лани се споменуваше и во една собраниска расправа. Поводот беше писмото на Антонио Милошоски, пратеник и поранешен шеф на дипломатијата, упатено до Министерството за транспорт и врски, Јавното правобранителство, Општина Кичево, Антикорупциска комисија и дополнително до генералниот секретаријат на Владата. Со него Милошоски бараше раскинување на договорот за државно градежно земјиште, во сопственост на Јаоски, затоа што не му дозволил на таткото на Милошоски да ја купи општинската зграда за само 30.000 евра. Освен тоа, Милошоски побара и информација за работењето и квалитетот на бензинот на „Пуцко петрол“.
Јаоски: Да можам, би ја купил и цела ОКТА
„Мојата фирма постои 21 година и има капитал да купи 11 отсто од вредноста на ОКТА. Да имам повеќе, би ја купил и цела ОКТА, зошто да не?“, вели сопственикот на „Пуцко петрол“, Исмаил Јаоски, кој плати над 625.000 евра за околу 90.000 акции на ОКТА пред една недела.
Тој гордо вели дека Македонците знаат да водат бизнис, исто, па дури и подобро од Грците, мислејќи при тоа на грчката „Елпет Балканика“, мнозински сопственик на ОКТА.
„Како сопственици на дел од ОКТА отсега ќе работиме уште повеќе и ќе го развиваме нашиот бизнис“, најавува Јаоски. |