16.01.2013, 09:17 Хакери пет години краделе документи од ЕУ и од НАТО
Непознати хакери пет години краделе кодирани фајлови на Европската унија и на НАТО, соопшти руската лабораторија за компјутерска безбедност „Касперски“.
Во операцијата „Црвениот октомври“ по електронски пат биле украдени документи од амбасади, владини и воени институции во 16 од 27 земји-членки на ЕУ (Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Кипар, Финска, Германија, Грција, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Португалија, Словачка и Шпанија).
Според „Касперски“ хакерите упаднале и во дипломатските и владини компјутерски мрежи во Австралија, Иран, Израел, Русија и САД.
Во Белгија, каде се централите на ЕУ и на НАТО, биле регистрирани 15 одделни незаконски упади во компјутерски мрежи.
- Засега нема податоци дека „Црвениот октомври“ е прог��ама спонзорирана од држава. Украдените информации се од највисока важност и содржат геополитички податоци, кои можат да бидат искористени од одделни држави. Таквите информации можат да се продадаат на тој што ќе понуди повеќе пари и таквата „трговија“ може да се одвива секаде во светот, се наведува во соопштението на „Касперски“.
Истрагата за „Црвениот октомври“ почна во октомври откако до „Касперски“ биле доставени податоци од информатор. Лабораторијата изразила благодарност до компјутерските специјалисти од Белорусија, од Романија и од САД за помошта. |