17.01.2013, 16:14 Стано: Филе прави напори Македонија да добие датум за ЕУ
Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе е многу заинтересиран да се реши прашањето за името меѓу Македонија и Грција и токму затоа покренува иницијативи, меѓу кои беше и последната со предлогот за трилатерална средба меѓу претставник на Европската комисија и министрите за надворешни работи на двете земји.
Ова на дописникот на МИА од Брисел денеска му го потврди портпаролот на Комисијата, Петер Стано, по прашината која се крена со предлогот на Филе, директорот за проширување на ЕУ Стефано Санино да посредува меѓу Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос во разговорите за надминување на спорот.
- Прашањето за името е процес, кој го водат Обединетите нации (ОН) и медијаторот Метју Нимиц е посветен, додека ЕК и ЕУ многу го поддржуваат и бараат двете страни да најдат заеднички прифатливо решение на спорот. Земјите-членки на ЕУ минатиот месец на Самит на Европскиот совет повторија дека е потребно да се најде решение на прашањето за името без понатамошно одложување и ЕК, се разбира, го поддржува ова. Комесарот Филе е многу заинтересиран за овој процес, оти очигледно е дека влијае на пристапниот процес на Македонија, вели портпаролот Стано.
Тој повторува дека поради тоа е логично што првиот човек за проширување на Унијата е многу заинтересиран, го следи и го поддржува овој процес што се води под капата на ОН и ЕУ прави се што може да помогне.
Според гласноговорникот на Комисијата, многу е потребно да се најде брзо решение за името оти е важно да се реши ова прашање поради заклучокот на Советот за можен почеток на пристапните преговори со Македонија.
- ЕУ ги поддржува сите напори на ОН, ги охрабруваме двете страни да ја прифатат секоја иницијатива и го поздравуваме секој чекор што се превзема во оваа насока од страна на двете страни за да се најде решение, потенцира портпаролот на Филе.
Високи извори на ЕУ, неофицијално потврдуваат за МИА дека писмото за одржување на трилатерални средби на комесарот за проширување е само почеток од сетот предлози што ќе следуваат од Унијата со цел да се помрднат преговорите од “мртва точка”.
|