16.01.2013, 15:15 Трифуновски обвинува: Четири пати сакаа да ме ликвидираат
Пред Кривичниот совет во Основниот суд во Гостивар сведочеше полицаецот обвинет за двојно убиство
Киро Кипроски
Гостивар - „Четири пати за овие 11 месеци ’подземјето‘ сакаше да ме ликвидира и никогаш на виделина да не излезат вистината, поводот и причините за немилиот настан што се случи на 28 февруари минатата година, на паркингот пред мојата зграда во Гостивар во која живеам 35 години“.
Вака денеска пред петчлениот Кривичен совет на Основниот суд во Гостивар, го започна сведочењето полицаецот Јаким Трифуновски, обвинет за двојно убиство, на вториот почеток на судењето бидејќи во законскиот рок од 60 дена не беше завршена доказната постапка.
„По 11 месеци во притвор одлучив Судот денеска да ги дознае фактите кои досега не сум ги кажал. Не е точно дека во истражниот затвор ’Прилеп‘ сум изјавил дека ќе се бранам со молчење, туку реков дека здравјето не ми дозволува да ја дадам одбраната“, рече вчера Трифуновски.
Според неговото сведочење, како можен мотив за обидот тој да биде ликвидиран е киднапирањето на гостиварски Албанец, студент во Чешка, на почетокот на февруари 2012 година, бидејќи бил сведок кога неговиот татко разговарал по телефон со киднаперите и договорот да го предаде откупот на лица во гостиварското село Бањица, а немал шанса да го известам МВР. Трифуновски, како што рече не очекувал да биде нападнат пред зградата во која живее.
„Нападот беше добро осмислен и организиран. Пукав во самоодбрана и подоцна разбрав оти две лица починале. Кога пристигнав во ПС Гостивар, наместо да бидам заштитен, кога се изврши замена на смената во 19 часот, јас бев однесен во простории кои не се осветлени и не се под видео надзор, па бев нападнат од непознати лица. Во истражниот затвор ’Скопје‘, на 29 март мината година, по третпат бев нападнат од лица кои не ги познавам, лиц осудени на казни по 15 години или на доживотен затвор. Четвртиот напад го доживеав во скопската клиника за траумотологија“, рече Трифуновски и го покажа новогодишниот подарок што го добил од ќерката Сара, која беше сведок на настанот, а во кој беше прашањето: ’Зошто тато не' нападнаа овие луѓе?‘. Тогаш тој возбуден одговори „Да спасиме наш сограѓанин киндапиран во Чешка“.
Тој смета дека истарагата не ја извршила професионално својата задача. Бидејќи при пукањето, покрај тоа што смртно беа погодени две лица, неговите соседи Имран Мехди и Бесник Шеапи, беше повредено уште едно лице. Трифуновски праша зошто не е вештачено возилото „БМВ“ со кое ранетото лицето било пренесено во гостиварската болница, а на местото каде што се случи настанот имало крв од три различни крвни групи, две на убените, а трета на повредениот.
Судњето ќе продолжи на 7 февруари со искази на вештите лица од психајтирската клиника. |