18.01.2013, 11:49 По љубовна расправија, скок од четврти кат
Дваесет и деветгодишен скопјанец се бори за живот по кавга со свршеницата
Дваесет и деветгодишно момче од Скопје се бори за живот откако вчера попладне падна од четврти кат на зграда во скопската населба Карпош. На несреќата и' предходела расправија со две години помладата свршеница, со која заедно живеел во станот. Полицијата истражува што точно се случувало на четвртиот кат од зградата број 5 на улицата „Трифун Пановски“, а во меѓувреме, се слушаат разни шпекулации.
Инцидентот се случи вчера околу 17,40 часот. Според СВР Скопје, 29-годишникот скокна од четврти кат, при што се здобил со тешки телесни повреди и итно бил пренесен во Ургентниот центар, каде лекарите се борат за неговиот живот.
Стан��рите во четирикатницата во Карпош 3 и вчера беа во шок. Потресено раскажуваа за четврточната драма.
„Девојчето почна да вика, со трчање се симнуваше по скалите. Излегов да видам што се случува, низ плач ми рече: ‘Сакаше да ме бутне мене“. Потоа се симнавме надвор, момчето лежеше на плочникот. Повикаме Итна помош, Господ нека го чува да преживее“, вели еден од соседите.
Станарите објаснуваат дека свршениците летоска се доселиле во зградата, па не ги познаваат многу. Го реновирале станот на четвртиот кат.
„Никогаш не сме ги слушнале да се караат. А вака беа фини, кога ќе ги сретневме во ходникот, поздравуваа секогаш, момчето прашуваше како си, што правиш, мирни и воспитани деца“, тврдат соседите. Велат дека момчето било студент на Економскиот факултет.
Инцидентот се случил во дневната соба од станот, скопјанецот скокнал од прозорецот и паднал на плочникот. (Г.А.)
Ништо ново за трагедијата во Кисела Вода
Нема ништо ново, е кусиот одговор од скопската полиција на прашањето околу истрагата за предновогодишното двојно убиство и самоубиство во населбата Кисела Вода. За полицијата нема нејаснотии за случајот што ја потресе јавноста. Кирил Ристевски (34) ги убил свршеницата Виолета Талевска (27) и поранешната девојка Марта Перин (27), а потоа се самоубил со пиштолот што го поседувал со дозвола. Трагедијата се случи на 30 декември. Талевска беше убиена мртва во стан во Кисела Вода, каде живеела со свршеникот и со неговата баба, Перин беше пронајдена мртва во автомобилот на Ристевски, паркиран пред зградата во Кисела Вода, а 34-годишникот си го одзел животот во дворот од ОУ „Круме Кепески“, стотина метри подалеку од семејниот дом на улицата „Георги Димитров“. Според полицијата, причините за убиството лежат во љубовниот триаголник.
|