15.01.2013, 15:35 Норвешки конзорциум даде понуда за ТИРЗ во Тетово
„Нормак инвестмент груп“, која претставува конзорциум од две државни и три приватни норвешки компании, денеска, на последниот ден за доставување понуди во Дирекцијата за технолошки индустриски зони, ТИРЗ, достави понуда за втората фаза од ограничениот повик за ТИРЗ во Тетово. Министерот за економија Ваљон Сараќини го изрази своето задоволство од финализирањето на овој долг.
„Согласно законските процедури, тендерската комисија констатира дека понудата е валидна, комплетна и исправна и е во согласност со тендерската документација“ изјави Сараќини.
Евалуацијата од комисијата е готова, а следниот чекор е УО на ТИРЗ официјално да ја донесе одлуката за избор на најповолен понудувач. Министерот Сараќини објасни дека, имајќи го во предвид фактот што веќе се распишани локалните избори, комисијата официјално ќе се обрати до Државната комисија за спречување на корупција, за да добие одговор дали одлуката може да се донесе во текот на наредните денови или после локалните избори.
„Ние ќе ги почитуваме законските обврски, а во оваа фаза сметаме дека најбитно да се напомене дека доставената понуда е исправна. За мене е особено значајно што на тендерот за ТИРЗ во Тетово добивме една сериозна компанија, со огромно искуство во овој тип на активности, со над 100 вакви реализирани проекти, која работејќи со зоната ќе придонесе за развој на целиот Полошки регион“, истакна Сараќини.
Динамиката на изградбата на ТИРЗ -Тетово, како и ставањето во функција на оваа зона, која ќе биде прва зона која ќе се менаџира по принципот на јавно приватно партнерство за период од 96 години, ќе зависи од деловниот план на партнерот. Тој се очекува да биде презентиран и елабориран од страна на инвеститорот.
Според критериумите за евалуција на тендерската документација, 70 отсто од бодовите носат понудените инвестиции во следните пет години.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот , Висар Фида, истакна дека финализирањето на тендерската постапка за ТИРЗ - Тетово е од особено значење, посебо затоа што веќе има заинтересирани странски компании кои тука би префрлиле дел од своите капацитети. (Ек.Р.)
|