16.01.2013, 13:11 Со Швајцарска донација ќе се заштитува Преспанското Езеро
Со донација од швајцарската Влада преку програмата на УНДП ќе се заштитува Преспанското Езеро од ерозија преку пошумување со автохтони дрвја.
Ова беше официјализирано со денешното потпишување меморандум за соработка меѓу УНДП и Јавното претпријатие „Македонски шуми“ за заштита на Преспанскиот регион.
Директорот на „Македонски шуми“ Жарко Караџоски информира дека во првата фаза од проектот предвидено е да се направи современ расадник за автохтони садници на површина од 0,7 хектари во ресенското село Асамати.
- Од расадникот ќе се пошумуваат сите ерозивни подрачја околу Преспанското Езеро. Во наредните четири-пет години преку оваа соработка ќе ја заштитуваме животната средина и Преспанското Езеро, а тоа ќе има позитивно влијание и врз природат�� и врз туризмот, рече Караџоски.
Во расадникот ќе се произведуваат по еден милион автохтони дрвја секоја година.
Заменик претставник на УНДП, Александро Фракасети истакна дека во реализацијата на проектот важна улога треба да одигра „Македонски шуми“ во обновувањето на шумскиот фонд, пошумувањето и спречување на ерозивните последици.
- Главни цели се подобрување на шумскиот фонд во регионот и регулирање на главните порои во тој дел. Со реализација на проектот ќе се намали ерозијата, а со тоа и таложењето во езерото и ќе подобри квалитетот на целиот еко-систем. Со подобрувањето на состојбата на шумскиот фонд ќе се обезбедат вредни живеалишта на биодиверзитетот, ќе се зголемат можностите за производство на дрвена граѓа, ќе се намали емисијата на јаглероден диоксид, а ќе се подобри и квалитетот за живеење во целиот регион, посочи Фракасети.
Градоначалникот на Ресен Волкановски смета дека значењето на проектот ќе биде поголемо со целосно негово реализирање, што ќе се почувстува преку подобрување на животната средина и подобрување на стандардот на жителите.
За проектот за заштита на Преспанското Езеро, обезбеден е буџет од пет милиони швајцарски франци преку Швајцарската агенција за развој и соработка. |