16.01.2013, 14:09 Главната зграда на „Македонска пошта“ не била осигурана
Директорот на АД „Македонска пошта“ Рафиз Алити истакна дека штетите од пожарот се минимални, бидејќи не е оштетена сервер салата ниту архивата
Штетите од вчерашниот пожар во главната зграда на АД „Македонска пошта“ - Скопје се минимални бидејќи не е оштетена сервер салата ниту архивата. Оштетени се покривот, шалтер салата и некои канцеларии од вториот кат. Првиот кат не е оштетен.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на АД „Македонска пошта“ - Скопје, Рафиз Алити кој рече дека функционираат нормално и оти очекуваат денеска да се поврзе опремата за да функцион��ра уплатата и исплатата, а пратките се сигурни.
- Засега не можеме да ја кажеме висината на штетата во пожарот. Управниот одбор на АД „Македонска пошта“ - Скопје и денеска ќе се состане. Уште утре ќе се формира Комисија која ќе ги направи проценките за висината на штетата. Денеска истражните органи се во зградата и ги утврдуваат причините за пожарот, посочи Алити.
Пожарот, истакна тој, почна на вториот кат и претпоставуваме дека тоа било спој на електричните жици.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека имале отворен тендер за осигурителна компанија, кој уште не е затворен, има клаузула во која стои дека секој кој ќе го добие ќе го надомести осигурувањето на зградата, кое важи од 1 јануари годинава. - Тој што ќе го добие треба да ја покрие штетата. На тендерот имавме четири-пет компании кои се заинтересирани, потенцира Алити.
Нагласи дека во шалтер салата имало и пари во железните каси, кои се уште не се отворени бидејќи трае истражната постапка.
- Очекуваме за четири до пет дена да се вратиме во зградата бидејќи сите канцеларии што ги користевме се во добра состојба, додаде Алити.
|