15.01.2013, 19:18 Изгаснат пожарот во зградата на Македонскa поштa
Целосно e изгаснат пожарот што попладнето избувна во главната зграда на Македонски пошти во центарот на Скопје, потврди за МИА командирот на Територијалната против пожарна единица Благоја Менковски.
Според првичните информации опожарени се дел од фоајето и неколку катови од објектот.
Во гаснењето учествувале 40 пожарникари со 20 противпожарни возила.
Едно лице е пренесено во Клиниката за хирушки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, поради гушење.
Директорката на Клиниката, Јасмина Чабуковска информира дека станува збор за маж на околу 35 години кој се пожалил на тешкотии при дишењето. Тој е во стабилна здравствена состојба и во моментов е на опсервација.
Се претпоставува дека пожарот избувнал во сервер салите во Македонски пошти.
На местото на настанот вечерва беа и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Ова е втор голем пожар во центарот на Скопје во последните денови. Минатата недела се запали дел од првиот кат на Градскиот трговски центар.
|