18.01.2013, 12:31 Крвав крај на заложничката драма во Алжир
Најмалку шест луѓе, а можеби и многу повеќе, се убиени, јавуваат агенциите, а десетици се водат за исчезнати
АЛЖИР - Судбината на десетици заложници заробени од исламистите на наоѓалиште на гас во Алжир денеска изутрина и натаму не беше позната, неколку часа откако алжирската војска го нападна местото. Најмалку шест луѓе, а можеби и многу повеќе, беа убиени, јавува агенцијата „Асошиетед прес“, а десетици се водат за исчезнати. Алжирските државни медиуми објавија синоќа дека воената операција завршила во оддалечениот пустински објект, каде што десетици работници – меѓу кои тројца Американци - се држат во заложништво. Алжирската влада соопшти дека биле убиени двајц�� Филипинци и двајца британски заложници. Податоците за бројот на заложници и милитанти убиени во операцијата многу се разликуваат - се движат од четири до 35 - во извештаите од регионалните извори, на кои се повикуваат „Асошиетед прес“ и „Ројтерс“. Меѓу оние кои се водат за исчезнати има Американци, Британци, Французи, Норвежани, Романци, Малезијци, Јапонци и Алжирци. Некои од заложниците наводно избегале од постројката за природен гас во близина на Ин Аменас, во близина на границата со Либија и 1.280 км од алжирската престолнина. Непознат број заложници ја напуштија земјата со чартер лет и се очекуваше да слетаат на лондонскиот аеродром „Гетвик“во четвртокот околу полноќ, соопшти БП, која работи со комплексот за гас.
Исламистичките милитанти ја нападнаа постројката и комплексот за сместување на работниците во средата пред зори и зедоа во заложништво 41 заложник, во еден од најголемите меѓународни заложнички инциденти низ децениите. Милитантите бараа да заврши француската воена кампања во Мали, каде што копнени и воздушни сили на поранешната колонијална сила ја поддржуваат војската на Мали во офанзива против исламистичките бунтовници поврзани со Ал-Каеда во таа земја. Групата која презеде одговорност за нападот врз постројката за гас се вели дека е предводена од исламскиот милитант Моктар бел Моктар, чии прекари се „Недофатливиот“ и „г-дин Марлборо“. Според АП, милитанти од „Маскираната бригада“, разгранок на Ал Каеда со седиште во Мали, јавиле дека Алжирците нападнале кога милитантите се обиделе да ги преместат заложниците од енергетскиот комплекс. Групата тврди дека загинале 35 заложници и 15 милитанти, но седум заложници го преживеале хеликоптерскиот напад врз конвојот. Алжирски претставник за безбедност јави дека одлуката да се испратат сили била донесена бидејќи милитанти се тврдоглави и сакале да побегнат со заложниците. Портпарол на ирската влада изјави во четвртокот дека ирски државјанин кој бил во заложништво во постројката за гас во Ин Аменас „контактирал со неговото семејство и според јавувањето е безбеден и добар и веќе не е заложник“. „Скај њуз“ во Лондон го идентификуваше преживеаниот Ирец како Стивен Мекфол (46) од запад Белфаст. Во интервју за државната телевизија таткото на Мекфол, Кристофер рече дека е „воодушевен“ од информациите, но додаде дека „жали за другите заложници кои се' уште се таму“. Тој, исто така, ги опиша последните 48 часа како „пекол“. Локален жител во близина на постројката јави за Ројтерс дека алжирската војска отворила оган и дека биле убиени „многу луѓе“. Фајкал Метакви, новинар од алжирскиот весник „Ел Ватан“, јави за францускиот канал БФМ дека не може да ги потврди претходните извештаи на властите дека некои заложници побегнале. (АП)
|