17.01.2013, 12:47 Британија стравува од наплив на Бугари и Романци
Од идната година ќе биде укината рестрикцијата на доселувањата што важи за Бугарите и Романците, по што се очекуваат 50 илјади доселеници годишно
Околу 50 илјади луѓе од Бугарија и Романија ќе се населуваат во Велика Британија, секоја година, откако во почетокот на идната година ќе биде укината сегашната рестрикција на доселувањата што во ЕУ важи само уште за Бугарите и Романците, предупреди денеска британскиот инспекторат за следење на миграционите движења.
Државјаните на овие две балкански земји се` уште не може слободно да се населуваат во Велика Британија и да бараат и да доби��аат работа, како што тоа го можат луѓето од сите други земји членки на ЕУ од Источна Европа, по нивното влегување во Унијата, на 1 мај 2004 година. Владата во Лондон, уште во 2005 година донесе рестрикциони мерки за државјаните на Бугарија и Романија, уште овие две земји да станат членки на ЕУ, на 1 јануари 2007 година.
За носителите на романски и бугарски пасоши, се уште не важат европските прописи за населување, па тие во Велика Британија може да се вработуваат само во аграрот и во прехранбената индустрија или како туристи и граѓани на ЕУ да влегуваат и слободно да престојуваат.
Ваквите мерки Владата на тогашниот премиер Тони Блер ги донесе по големиот наплив на Полјаци, откако нивната земја стана дел од ЕУ. Инспекторатот за миграција сега предупредува дека по укинувањето на ваквите рестрикции за Бугарите и Романците ќе дојде до нов наплив на странци во Велика Британија, што ќе предизвика проблеми во секторот на домувањето, како и во вработувањето.
Претставник на британскиот Хоум Офис изјави дека министерството засега нема вакви калкулации и објасни дека цел на Владата и на имиграционите власти е намалување, а не зголемување на миграцијата во земјата. |