16.01.2013, 18:03 (ФОТО) Големо реми со големата Русија
Македонската ракометна репрезентација одигра нерешено 29:29 со Русија во четвртото коло од групата Б на 23. Светско првенство во Шпанија
ФОТО (специјално од Севилја): Петр Стојановски
Македонската ракометна репрезентација одигра нерешено 29:29 со Русија во четвртото коло од групата Б на 23. Светско првенство во Шпанија. Реми со вкус на победа ако се има предвид развојот на настаните во салата "Сан Пабло" во Севилја, посебно фактот дека избраниците на селекторот Звонко Шундовски речиси 40 минути бркаа негатива, која во еден момент беше и шест гола разлика (21:15). Но, црвено-жолтите не се предадоа и упорно ја топеа предноста на противникот, за во 52. минута ��ејан Манасков од контранапад да израмни на 26:26. Од тој момент па до крајот на натпреварот се одвиваше вистинска драма, во која тимот на Олег Кулешов беше поблиску до триумф, бидејќи во последните две минути влезе со водство од 29:27. Сепак, одговорот во последен момент стигна прво од капитенот Кирил Лазаров, а 17 секунди до крајот конечниот резултат го постави Гоце Георгиевски на додавање на Лазаров, кој ја навлече врз себе руската одбрана. Во решавачките две минути Русија играше со ракометар помалку по исклучувањето на Алексеј Растворцев, а на македонскиот гол брилјираше Никола Митревски.
На погодокот на Георгиевски вреден големо реми со големата Русија му претходеше тајм-аут што го побара македонскиот селектор Звонко Шундовски кога преостануваа уште 35 секунди до последниот звук на сирената, а веднаш по примениот гол минута одмор побара и Кулешов. Неговите играчи потоа го трошеа времето и во последните секунди се обидоа преку денеска извонредното лево крило Тимур Дибиров, но тој не успеа да упати удар.
Првото полувреме и' припадна на Русија со 16:13, благодарение на серијата од 6:1 по 21. минута, кога Македонија со сопствена низа од 5:1 поведе со 12:10. Во првите 30 минути Лазаров и Дибиров се натпреваруваа кој повече голови ќе постигне, при што Русинот ја доби битката со 7:6, но на најдобриот македонски ракометар му припадна малата војна со 10:8.
За играч на мечот, меѓутоа, беше прогласен македонскиот пикер Стојанче Стоилов, кој имаше максимална реализација (5/5) и врз него беа направени три седмерца. Митревски, пак, во второто полувреме го замени Борко Ристовски, а четири од своите пет одбрани ги забележа кога беше најпотребно - во завршницата од натпреварот.
Ова е второ реми во третата македонско-руска пресметка на големите натпреварувања по тоа на Европското првенство 1998 во Италија, а Македонија славеше на СП 2009 во Хрватска.
Утре е слободен ден во групата Б, а в петок од 20,15 ч. Македонија ќе му излезе на мегдан на европскиот шампион Данска, барајќи реванш за несреќниот пораз на ЕП во Србија минатата година. (Р.Д.)
Македонија - Русија 29:29
Полувреме: 13:16. Сала: "Сан Пабло" во Севилја. Гледачи: 1.000. Судии: Николау и Какадор од Португалија. Седмерци: Македонија 3/4, Русија 2/2. Исклучувања: Македонија 6 мин., Русија 12 мин. Црвен картон: Растворцев од Русија (3х2 мин.). Загубени топки: Македонија 12, Русија 9.
Македонија: Митревски (5 одбрани), Ристовски (6 одбрани), Манасков 4/5, С. Стоилов 5/5, К. Лазаров 10/20 (3/4), Јоновски, Ангеловски 1/2, Темелков 1/1, Миркуловски 1/1, В. Маркоски 1/1, Н. Маркоски 0/2, Н. Мојсоски 2/8, Димовски, Георгиевски 2/2, Ф. Лазаров 2/4, Левов. Селектор: Звонко Шундовски.
Русија: Грамс (4 одбрани), Богданов, Левшин (10 одбрани), Шиндин, Пишкин, Евдокимов, Атман 4/6, Горбок 6/13, Житников 1/1, Растворцев 1/2, Шишкарев 4/5, Чипурин 1/3, Насиров, Шелменко, Дибиров 8/9, Игропуло 4/10. Селектор: Олег Кулешов.
|