18.01.2013, 12:49 Вељаноски ги покани странските набљудувачи за локалните избори
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска ги покани релевантните меѓународни институции да испратат нивни претставници да ги набљудуваат локалните изборик, што треба да се одржат на 24 март.
Вељаноски испрати покана до претседателите на Парламентарното собрание на ОБСЕ Рикардо Миљори, на Европскиот парламент Мартин Шулц, на Парламентарното собрание на Советот на Европа Жан-Клод Мињон и на Парламентарното собрание на НАТО Хју Бејли, соопшти собраниската служба за информирање.
„Поканувањето на меѓународни набљудувачи како кооперативен однос за остварување на нивната мисија претставува значаен придонес за фер и демократски избори и потврда на демократскиот капацитет на институциите во Република Македонија“, е ставо�� на Вељаноски.
Првиот парламентарец на 11 јануари, во согласност со уставните и законските надлежности, донесе Решение за распишување избори за членови на советите на општините и советот на град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје за 24 март годинава.
Согласно Изборниот законик целиот изборен процес можат да го набљудуваат меѓународни организации и претставници на странски земји и регистрирани домашни и странски здруженија на граѓани во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права. (Т.П.) |