19.01.2013, 11:48 Јован Бабачев по петти пат го фати крстот во Охрид
Јован Бабачев (35) од Варош беше најсреќниот од стотината верници кои денеска влегоа во осветените води на Охридското Езеро за да го фатат светиот крст.
Пред повеќе од 10.000 верници крстот во осветените води го фрли владиката Дебарско-кичевски г.Тимотеј. По десетина минути барање крстот по петти пат го пронајде Бабачев.
Температурата на водата во Езерото е осум степени, а дува и силен јужен ветар, поради што дежурните екипи за Итна медицинска помош и Црвениот крст имаа над 20 интервенции. Интервенирано е кај три лица поради премрзнување, а кај двајца со исеченици на нозете кои се однесени на хируршкото одделение во Охридската болница.
Централната свеченост во прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител почна рано изутрината со свечени богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија, за големата црковно-народна манифестација да се префрли на Градското пристаниште во Охрид. И овојпат МПЦ за празникот организираше групно крштевање на верници во водите на Охридското Езеро.
Богојавленските празнувања продолжуваат и утре со традиционалното капење на рибарите во езерото, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест. Како и изминатите, така и оваа година за Денот на рибарите е предвидена и богата културно-забавна програма, со греано вино, топла ракија, пржени плашици и три буриња вино за највештите пливачи кои ќе влезат во езерото. Со 3,3 тона рибна чорба, приготвена од 750 килограми риба Охрид ќе се обиде да се впише во Гинисовата книга на рекорди.
Прославувањето на Богојавление – Водици и фрлањето на крстот во езерото во Охрид има долгогодишна традиција, последните десетина години популаризирана преку Здружението на граѓани за афирмација на МПЦ „Богојавление“ кое преку редица активности се обидува манифестацијата на фрлањето на крстот и Денот на рибарите да ја претвори во најмасовна во православниот свет.
Секоја година на Градското пристаниште во Охрид и на Кејот на езерото чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на Светиот крст го следат илјадници верници, но и гости, туристи од целата земја и од странство.
|