16.01.2013, 15:38 „Сваровски“ ќе гради фабрика во Србија
Познатиот светски бренд „Сваровски“ ќе гради фабрика во Србија. Според српскиот министер за финансии и стопанство Млаѓан Динкиќ, капацитетот ќе биде во Суботица и во него ќе работат 550 лица.
„Австриската компанија во јуни ќе почне да ја гради својата фабрика во Суботица, а ќе биде изградена за една година“, изјави Динкиќ за српските медиуми по состанокот во Виена со извршниот потпретседател на компанијата „Сваровски“, Карло Вагнер, и директорот за стратешки развој и за глобални операции, Волфганг Вифлер.
Соговорниците му навестиле на Динкиќ дека градежните работи и монтирањето на опремата ќе заврши до крајот на вториот квартал идната година. Фабриката ќе има 15.000 квадратни метри, а ќе ја градат српски градежни компании.
„Соговорниците ми рекоа дека ова ќе биде само прва фаза и доколку проектот биде у��пешен, односно ако нивните производи и натаму добро се продаваат на пазарот, дека се подготвени во 2015 година да одат во втора фаза“, го цитираат српските медиуми министерот Динкиќ. (Ек.Р.) |