17.01.2013, 10:56 Бугарија ги скицира добрососедските односи со Македонија
Бугарската агенција „Фокус“ јави дека се остварени првите контакти во врска со критериумите за добрососедски односи, откако Бугарија на Македонија и испратила работна верзија на текстот на спогодбата за соработка и добрососедски односи.
Тихомир Стојчев, секретар во кабинетот на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев изразил надеж дека активностите ќе се одвиваат бргу.
„Бугарскиот претседател многу пати и јасно го соопшти својот став за Македонија. Недвосмислено е јасно дека има потреба да се применат критериумите за добрососедски односи во рамките на проценката на напредокот на Македонија кон европските интеграции. Во декември 2012 година во Брисел на Европскиот Совет членките на ЕУ се согласија за важноста на добрососедските односи како предуслов за ч��енство. Тоа не е позиција само на Бугарија, туку е и позицијата на ЕУ. Од сега членките ќе го набљудуваат напредокот по ова прашање. Се надеваме дека работите бргу ќе напреднат. Тоа е во интерес на двете земји“, вели Стојчев.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски, пак, вчера изјави дека веќе имало една средба и дека ќе следи нова. „Имаше една средба на работната група на Република Бугарија и Република Македонија, а следната средба треба наскоро да се случи. Во минатото имаше позитивни сигнали, така што дискусии од ваков тип за нас се добредојдени. Не сакам да прејудицирам ништо и мислам дека треба да видиме каков ќе биде резултатот од оваа работна група меѓу двете министерства за надворешни работи и тогаш да добиеме заклучоци“, вели Попоски. |