18.01.2013, 13:27 Дачиќ: Постигнат е привремен договор за царините
Српскиот и косовскиот премиер Ивица Дачиќ и Хашим Тачи на четвртата рунда од политичкиот дијалог под покровителство на високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон се договорија за привремено решение за наплата на царина, јави Танјуг.
„Се договоривме дека парите од наплатата на царината ќе одат во посебен фонд за развој на општините на северно Косово, кој ќе биде формиран под покровителство на Европската унија“, изјави Дачиќ по петчасовната средба.
Тој наведе дека тоа решение е од привремен карактер и дека дополнително ќе се утврдуваат некои технички детали.
„Првпат на еден сериозен начин е отворено прашањето за паралелизмот на институциите и специјалниот однос кон српскиот народ кој живее во Косово. Тоа е суштинско прашање што не може да се реши за една вечер, но патот кон реше��ието е отворен“, посочи Дачиќ.
Тој наведе дека решението е во формирање на нови институции во северно Косово, кои ќе бидат прифатливи и за Приштина и за косовските Срби.
Од кабинетот на Ештон е потврдено дека двајцата премиери склучиле привремен договор за наплата на царини, акцизи и ДДВ на границите.
Автомобили на косовската Влада кренати во воздух
Три службени возила на Владата на Косово се уништени во три експлозии, кои одекнаа вчера вечерта во Приштина, изјавија претставници на косовската полиција.
„Речиси истовремено на различни места во Приштина беа кренати во воздух трите автомобили“, изјави портпаролот на косовската полиција Баки Кељани. Во експлозиите нема повредени.
Во изминатите пет месеци избувнаа пет експлозии, вклучувајќи ги и последните во кои беа уништени возила на косовската Влада.
|