19.01.2013, 20:23 (ФОТО) МКЦ прослави 40 години постоење
На Светскиот ден на раѓањето на уметноста - 18 Јануари во Младинскиот културен центар беше отворена и обновената галерија
ФОТО: Киро Попов
Катерина Богоева
Редица млади, но и возрасни луѓе, припадници на генерациите што во изминатите 40 години ги следеле, но и учествувале во активностите на Младинскиот културен центар, познат како МКЦ, а кај многумина сеуште и како „25 Мај“, вечерта на 18 јануари ја исполнија неговата зграда во која се одвиваше манифестацијата „Роденденот“. Денот на раѓањето на ова, веќе култно место во Скопје е 28 декември, но годинава беше одбележан во истовреме со уште еден роденден, Светскиот ден на раѓањет�� на уметноста.Пријатно беше да се види како на отворањето на обновената, по светски стандарди, галерија во МКЦ, со изложба на дела на сликарите Вангел, Милош и Вангел Коџоман, присуствуваа посетители од различни генерации и како во преполната сала на киното „Фросина“ со внимание се следеше мошне ефектно, изведениот поетски перформанс „Песнило“ на кој настапија млади поетски имиња. И покрај дождот, таа ноќ посетителите не престанаа да доаѓаат за да го проследат и концертот кој доцна во ноќта траеше во Дансинг салата. Во изминатата недела, во рамки на „Роденденот“ беа организирани и бесплатни кинопроекции во кината „Фросина“ и „Милениум“.
„Традиција и континуитет –Коџоман“ е насловот на каталогот за тројната изложба на делата на ликовните уметници од семејството Коџоман во кој, кураторот Емил Алексиев се осврнува на творештвото на секој од нив, творештво кое бележи 110 годишен континуитет. „Коџоман И, Коџоман ИИ и Коџоман ИИИ, го одржуваат континуитетот на македонската ликовна уметност и со тоа ја прават можна. Тие се соочија со стварноста, со таа наша стварност, понекогаш така раскошна во својот колорит, а понекогаш така застрашувачка, и го дадоа својот творечки придонес наспроти традицијата, затоа што традицијата само така и може да биде жива и да опстои носена од брзаците на времето.Само дух кој се движи во насока на сопственотовреме, кој ја разбира смислата и насоката на тоа време во кое тој самиот опстојува, само таков дух може да даде свој придонес во уметноста“,пишува меѓудругото Алексиев. На одржаниот поетски перформанс „Песнило“ кој ја исполни најавената цел, да биде медиум за промоција на нови актери на поетската, уметничката и кантавторската сцена и на поетите да им овозможи низ разни облици на перформансот да ја преобликуваат својата поезија и истата да ја ангажираат на сцената, настапија младите поети: Ана Голејшка, Мане Манушев, Нина Андова, Исток Улчар, Анета Василева, Александра Спасеска, Даниел Карески, Александар Станојков, Небојша Стојаноски- Мајор, Гаврило Миловановиќ, Костадин Героски, Марта Маркоска, Цветанка Колева, Марија Конеска. Водител беше Иван Шопов.
Во познатата Дансинг сала настапија македонските бендови: „Протагонист“, „Паркети“, „Дж Далтонс“, „Цонљуеринг Лион“ и „Канда Коџа и Небојша“ од Белград. (К.Б.)
|