17.01.2013, 14:21 Почна шестиот фестивал „Кустендорф“
Фестивалот беше отворен со холограмска проекција на пресметка меѓу режисерот и основач на манифестацијата Емир Кустурица и холивидскиот актер Брус Вилис
Шестиот по ред меѓународен филмски и музички фестивал „Кустендорф“, посветен на идните филмски творци и великани на современ авторски филм, почна вчера во Дрвенград на Мокра Гора, Србија.
Фестивалот е отворен со холограмска проекција на пресметка меѓу режисерот и основач на манифестацијата Емир Кустурица и холивидскиот актер Брус Вилис, по што е прикажан филмот „Цветови на војната“ на кинескиот режисер Џанг Јумоу, кому му е посветена годинешната фестивалска програм�� „Ретроспектива на великаните“.
Дваесет и осум филма на млади автори од 18 држави годинава ќе се натпреваруваат за наградите „Златно“, „Сребрено“ и „Бронзено јајце“.Досега како што јавуваат организаторите, на фестивалот пристигнале најголем број филмови, над 400, кои ги селектирала Дуња Кустурица.
Израелската писателка и актерка Алона Кимхи ќе претседава со годинешното меѓународно жири, кое го сочинуваат и филмскиот продуцент, директор на продукција и асистент на режија Мајкл Хаусман и српскиот теоретичар за медиуми и филмски и ТВ-режисер Олег Јекниќ.
На „Кустендорф“ до 22 јануари ќе бидат прикажани некои од најдобрите филмови од минатогодишната продукција и нивните автори, а ќе бидат одржани и работилници. Публиката ќе може да ги види и филмовите „И јас исто така“, на Алексеј Балабанов, „Ријалити“ на Матео Гароне, „Араф - некаде помеѓу“ на режисерката Јешим Устаоглу, „Таа не сака да спие сама“ на Наталија Бериштајн, „Нефудбал“ на руски уметник Константин Смирнов, филмот „Единствено е“ на Соња Карпунина и други. |