14.01.2013, 12:47 Настасја Кински: Не ми беше жал кога умре татко ми
„Беше тиранин. Не се сеќавам дека заедно сме седеле на маса“, изјавила Настасја за германски „Билд“
Откако Пола (60), најстарата ќерка на покојниот германски актер Клаус Кински во својата автобиографија „Киндермунд“ открила дека татко и' сексуално ја малтретирал од петтата година, за деталите од животот со него, проговорила и неговата помлада ќерка и актерка Настасја (51).
„Беше тиранин. Не се сеќавам дека заедно сме седеле на маса“, изјавила Настасја за германски „Билд“. „Кога умре, сите ми говореа дека им е жал. Мене не ми беше жал“, рекла таа и додала дека татко и' не ја силувал, но дека секогаш се обидувал.
„Постојано ме допираше и цврсто ме држеше во прегратка за да не му побегнам. На четири години почувствував дека тоа не е татковска прегратка, туку нешто пострашно. Кога ќе успеев да му побегнав, потоа треперев кога беше во мојата близина“, открила Настасја, која денес живее во Америка и додала дека секогаш го тероризирал семејството.
„Никогаш не знаевме кога ќе се налути. Понекогаш само одеднаш ќе почнеше да фрла предмети низ куќата и да вика. Никогаш не не прашуваше како сме, дали сме добро, дали сме среќни“, открила актерката.
Нејзината сестра Пола неодамна откри дека татко и' ја силувал 14 години.
„Молчев, зашто ми забрани да зборувам за тоа“, објаснила Пола. Клаус Кински почина во 1991 година од срцев удар. |