14.01.2013, 09:22 Нов контингент на АРМ заминува во Авганистан
Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе се одржи свеченост по повод испраќањето нов контингент на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста обраќање ќе има министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими кој ќе разговара со припадниците на контингентот за нивната подготвеност да одговорат на задачите кои им престојат во текот на мисијата.
Во 14-тата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 157 припадници на АРМ од кои 150 се припадници на механизираната пешадиска чета, двајца штабни офицери во командата на ИСАФ и пет припадници на АРМ во составот на наменските сили за партнерство и советување. „Скорпиите“ од 1. механизирана пешадиска бригада во наредните шест месеци ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг. |