11.01.2013, 14:07 Избори ќе има - на 24 март
Спикерот Трајко Вељаноски денеска ги распиша локалните избори и ги повика учесниците во „натпреварот“ да придонесат за позитивна оценка за процесот
Локалните избори ќе се одржат на 24 март, објави претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски. Тој го потпиша денеска решението за распишување на изборите за градоначалници и за членови на советите на општините и на град Скопје.
Од денот на распишување на изборите почнуваат да течат роковите за нивно спроведување, така што ДИК наскоро треба да излезе со календар за извршување на изборните дејства. На 24 март ќе се одржи првиот круг за избор на градоначалници и советници, а вториот круг од градоначалничките избори ќе биде две седмици подоцна - на 7 април.
Предизборната кампања ќе почне околу 4 март.
Вељаноски образложи дека во законскиот рок од 70 до 90 дена од денот на распишување и одржување на изборите му останал на располагање и терминот 31 март, но тој не го избрал тој датум, поради католичкиот Велигден.
Спикерот денеска упати повик до учесниците на изборите да придонесат за што попозитивни оценки за спроведувањето на процесот.
„Секој нов изборен процес треба да значи одржување и надградба на добиената позитивна оценка за претходниот. Да направиме максимални заложби Македонија да добие уште едни фер и демократски избори, заради остварување на стратешките евроатлантски определби на државата и заради доброто на граѓаните“, рече Вељаноски.
Неопходно е, додаде тој, сите заедно да испратиме силна порака дека на патот на сите предизвици, заедно и сплотено, имаме капацитет да се справиме со нив, да се соочиме и со најчувствителните прашања, да се издигнеме и над тешките моменти.
Првиот парламентарец реши да ги распише изборите еден ден пред седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која, како што се најавува, ќе бидат разгледани условите на СДСМ за учество на опозицискиот фронт на локалните избори. Во политичките кругови, тоа се толкува како јасен сигнал дека владејачката гарнитура е подготвена да организира избори, независно од тоа дали на нив ќе учествува и втората по бројност партија во законодавниот дом.
Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ никој не сака предвреме да зборува до која мера е можно Извршниот комитет на партијата да демонстрира политичка волја за преговори со опозицијата околу барањата што таа ги постави, а со чие исполнување би требало да се надмине можноста за изборен бојкот. Едно од барањата на СДСМ за учество на локалните избори е тие да се одржат заедно со предвремени парламентарни избори. Под претпоставка владејачките партии да го прифатат овој услов, почетниот термин за распуштање на парламентот е околу 24 јануари, за да се исполни рокот од 60 дена за спроведување вонредни избори за пратеници?
Според изборната регулатива, локалните избори се одржуваат на секои четири години, во втората половина на март. (А.М.М.)
|