11.01.2013, 15:01 (ФОТО) Нимиц виде клима за компромис
Медијаторот ќе ги забрза средбите, а наредната рунда преговори ќе биде во Њујорк
Слободанка Јовановска
ФОТО: Киро Попов
Медијаторот Метју Нимиц по средбите во Скопје замина во Солун, каде ќе го пречека преговарачот Адамантиос Василакис за да му ги пренесе информациите од разговорите со државниот врв во Македонија. Овој невообичаен потег на медијаторот е сигнал дека разговорите не биле само форма и дека во Грција постои вистинска заинтересираност околу ставовите на Македонија. И во изјавата дадена по средбите со претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Никола Груевски, Нимиц искажа поголем оптимизам од вообичаено и најави дека планира да ги интензивира средбите, во Њујорк и во регионот. Негов впечаток беше дека преговорите почнуваат да се придвижуваат кон решение, односно дека по дваесет години преговори гледа можност да се постигне тоа.
„Дадов идеи и добив реакции. Постои зголемен интерес да се реши проблемот. Охрабрен сум и ќе ги забрзам преговорите. Целта е да се најде формула која ќе биде прифатлива и за Владата, и за народот, и за Атина. Сегашниот прогрес значи приближување кон таа формула. Секоја страна веќе подобро ги разбира ставовите на другата страна, што исто така е прогрес. Одиме во вистински правец“ изјави медијаторот.
Според него, на состаноците тука добил многу цврсто уверување дека решавањето на ова прашање претставува врвен приоритет за владата, како и охрабрување за напорите. „Разговараме за различните можности и идеи на кои што добив реакции... Од она што го слушнав во Скопје и Атина може да кажам дека постои зголемен интерес и сериозен пристап кон решавање. Многу е важно, и сите го знаеме тоа, дека ова прашање бара многу труд и бела коса за да се реши“, рече медијаторот Нимиц, по средбата со премиерот Никола Груевски, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Нимиц прецизираше дека тоа што при посетите на Скопје и Атина им го презентирал на двете страни не претставува целосно нов предлог, туку верзии од претходните со измени во некој контекст.
„Вклучен сум во ова од 1994 година. Дали има нешто што во целост е ново? Одговорот е дека не е нешто целосно ново. Но, нештата што се покреваат се различни, во различен контекст и мислам дека секогаш има простор за креативност. Мислам дека во некоја точка ќе дојдеме до позитивен заклучок“, изјави Нимиц, додавајќи дека сега ќе ги забрза разговорите во Њујорк и ќе презентира натамошни чекори во однос на идеите кои што ги слушнал во Атина и во Скопје, а кои, според него, биле конструктивни и добро размислени.
Од кругови блиски до владата денеска се тврдеше дека главната цел на медијаторот била да провери дали е искрена и вистинска подготвеноста на двете страни да се најде решение. Поради впечатокот дека таква подготвеност има, Нимиц најавил дека мошне скоро ќе закаже следна рунда преговори во Њујорк, покрај другото и за да го искористи притисокот создаден од страна на Европската унија по препораката на Македонија. Според овие извори, Нимиц делува во корелација со Брисел и цврсто е решен да го динамизира процесот, откако им посочил на двете страни дека решение може да се најде само ако се подготвени за некои отстапки.Се тврди исто така дека нема никаков рок за завршување на преговорите , а немало ни формален предлог, и дека шпекулациите за некакво фазно пристапување на решението ( со оставање на некои од прашањата за подоцна) немаат основа. Инаку, ова беше третта посета на медијаторот на Скопје и на Атина од фебруари минатата година, а прва со новата политичка гарнитура во Атина, вклучувајќи го пред се премиерот Андонис Самарас.
|