11.01.2013, 11:59 Претседателот Иванов се сретна со кинескиот министер за одбрана
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска оствари средба со кинескиот министер за одбрана, генерал Лианг Гунагли.
На средбата, претседателот Иванов изразил задоволство од нивото на политички дијалог меѓу двете земји, што придонесува кон постојано унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка. Иванов изразил и благодарност за континуираната поддршка што Министерството за одбрана на Република Македонија ја добива од кинеското Министерство за одбрана.
Министерот за одбрана на Народна Република Кина, како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, искажал интерес за продолжување на билатералната соработка во областа на одбраната и во сите сфери од заеднички интерес, како и подготвеност за натамошна мултилатерална соработка во рамки на меѓународните организации.
Двајцата соговорници размениле мислење и за можностите за интензивирање на економската соработка, при што претседателот Иванов изразил подготвеност за зголемување на трговската размена и соработката во областа на инвестициите, поздравувајќи ја воспоставената правна рамка меѓу двете земји.
Претседателот Иванов упатил честитки и до новоизбраното раководство во Кина, со надеж дека одличната соработка ќе продолжи да се развива и унапредува со несмален интензитет и во иднина.
|