11.01.2013, 09:08 Нимиц ќе разговара со македонскиот државен врв
Медијаторот утрово ќе се сретне со шефот на дипломатијата Попоски, а потоа и со претседателот Иванов и со премиерот Груевски
Медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц, денеска во Скопје треба да има средби со македонскиот државен врв на кои се очекува да презентира одредени идеи за надминување на долгогодишниот спор, откако тоа завчера го направи во Атина.
Нимиц вчера по пристигнувањето во Скопје изјави дека работи напорно за да се види дали е можно да се постигне некаков напредок.
Посредникот на ОН изутринава ќе се сретне со шефот на дипломатијата Никола Попоски, а потоа и со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.
Нимиц завчера во Грција имаше средба со премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос. По средбата тој изјави дека грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името. Истакна дека имале „куса, но интензивна дискусија“ и информира дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.
- Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме, рече Нимиц.
Тој нагласи дека не може да открие што презентирал, но изрази уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне „некакво решение“. |