11.01.2013, 13:46 Традиционалниот концерт за Василица на МОБ и со реприза
Годинава концертот е посветен на 200-годишнината од раѓањето на Џузепе Верди
По повод празникот Василица, утре и задутре Македонската опера и балет ќе го одржи традиционалниот концерт, на кој ќе бидат изведени познати оперски арии, хорски делници и увертири. Годинава концертот е посветен на 200-годишнината од раѓањето на Џузепе Верди.
На програмата се арии од оперите: „Магбет“, „Риголето“, „Дон Карло“, „Трубадур“, „Фалстаф“, „Симон Боканегра“, „Бал под маски“, „Набуко“, „Травијата“. Првпат во Македонија ќе бидат изведени ариите на Нанета од операта „Фалстаф“ и аријата на Амелија од операта „Симоне Боканегра“.
Ќе настапат оперските уметници Славица Петровска-Галиќ, Весна Ѓиновска-Илкова, Благица Поп Томова, Ирена Кавкалевска, Катерина Стојановска, Цветан Стојановски, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Ристе Велков, Владимир Саздовски, Драган Ампов и тенорот од Бугарија Иван Момиров.
Концертот ќе го води диригентката Бисера Чадловска, а поради голем интерес годинава ќе биде изведен во две вечери.
|