01.01.2013, 11:18 Фељтон
Јованка Броз – ТИТОВА СОВЛАДЕТЕЛКА (41)
Разговор во шест очи.„Утрински весник“ специјално за своите читатели во целост ги објавува сите 50 продолженија на фељтонот „Јованка Броз-Титова совладетелка“
Јованка не сака да признае дека им е љубоморна на масерките на Тито
Тито најпосле и признава на Јованка дека нема место за друга во неговиот живот
„Што ви паѓа на ум, другар докторе?! Зар јас да бидам љубоморна на тие брбливки! Тие не се достојни ни слугинки да ми бидат, а не да ми бидат сопернички. Како можете да ме споредувате со нив? Зарем досега не ме запознавте добро? Постојано велите дека Ви импонирам како силна личност. Личност со богат дух и интелект. Личност која има идеи и која знае да носи одлуки. Зарем не сум се афирмирала во Вашите очи како личност која во ниту еден поглед не може да се споредува со масерките“.
„Другарке Јованка, покрај се' што наведовте, Вие заборавивте да кажете дека Ви кажав дека сте извонредно убава жена, што и денес го повторив. Бидејќи сето тоа е така, вие навистина немате причина да бидете љубомона на масерките“.
„Другар докторе, што Ви е денес? Вие денес сте преокупиран со мојот изглед, како јас да немам други квалитети“.
„Јас ги истакнав и тие други квалитети, а Вие сега ги повторивте“.
„Вие заборавивте да ги истакнете моите политички и државнички квалитети. Јас на ова патување не одам со Тито само како сопруга, туку и како советник, бидејќи идејата за неврзаните е наша заедничка идеја, која постојано ја разработуваме“.
„Не ми дозволивте да ја завршам мислата до крај. Она што уште сакав да го кажам, делумно и самата го кажавте. Веројатно знам нешто што другите не го знаат, односно дека Вие немате само советодавна улога, туку дека сте и совладетел и во политичките и во државничките работи. Јас Ве ценам и уважувам како комплетна личност, за која слободно можам да кажам дека е вонсериска. Она што ми пречи кај Вас, а што задолжително би требало да го отстраните, е Вашата тврдоглавост и исклучивост. Јас во неколку наврати разговарав со Тито за Вас. Другарот Тито многу Ве сака, ве почитува и цени. Тој Ве смета за една од најзначајните содржини во неговиот живот. Вие сте му ја подариле својата девственост и младост. Поради него сте го жртвувале мајчинството. Јас го поддржав во тоа негово убедување и му реков дека ќе ми биде многу мило ако таквиот Ваш однос се одржи до крајот на животот и дека ништо не смее да го расипе. Јас не се плашам дека вашата женска љубомора ќе го расипе тој однос, туку се плашам дека тоа ќе го стори власта. Безброј пати сум рекол, а тоа и сега ќе го повторам, дека власта е најсилна дрога“.
Кого сака Тито?
Додека го говорев ова, забележав дека нејзиното расположение се менува. За прв пат на нејзиното лице се појави топла и срдечна насмевка која личеше на нејзината позната „Југо-насмевка“. Очите и' станаа посветли, а црвенилото на лицето забележливо.
- Зарем вие, другар докторе, мислите дека Титовите зборови се искрени и дека тој ништо не чувствува кон масерките?
- Длабоко сум убеден дека неговите зборови се искрени. Најпосле, тој на дело го покажа тоа во 1974 година кога неговите најблиски соработници му говореа дека треба да се разведе од Вас. Ќе Ви споменам само некои од нив, а тоа се: Кардељ, Доланц, Стамболиќ и Љубичиќ. Тито дури во една пригода ми има речено: „Да ги послушав нив што ќе правев јас сега без Јованка“? Според тоа, дури и да постои некаква емоционална врска меѓу Тито и масерките, таа е ефемерна и не може да има позначајно влијание врз вашите односи.
- Добро. Нека продолжи со масажата кога таа толку му значи. Вас ве молам да настојувате масажата максимално да се скуси. На Тито сега му е потребно многу слободно време за да се занимава со работите заради кои и е дојден во Коломбо. Јас нешто сакав да поразговарам со Вас и да се посоветувам, подобро кажано да се обидеме тоа заедно да го решиме. Тито има една лоша навика, при прелистувањето на страните го мокри показалецот со усните. Тоа го прави и при читањето на реферати. Јас се обидов да го одвикнам од тоа, но не успеав. Дали Вие имате некоја идеја и што предлагате?
- Предлагам да го оставиме решавањето на ова за друг пат. Сега со тоа само би го нервирале, а не би постигнале никаков ефект. Човек не може преку ноќ да се одвикне од вообичаените навики.
- Се сложувам – рече Јованка, - но под услов тоа да биде една од нашите заеднички задачи кога ќе се вратиме во земјата.
Расположени поради постигнатата согласност во решавањето на присутните проблеми, не ни забележавме кога Тито влезе во салонот.
- Вие двајцата сте добро расположени. Сигурно сте разговарале за интересни нешта, – рече Тито.
Истовремено одговоривме со зборовите – Таа: за тебе – а, јас: за Вас.
- Мора да сте ме оговарале, – рече смеејќи се Тито.
- Зборувавме за вашата љубов. Ја убедував другарката Јованка дека неа највеќе ја сакате.
Соочување
Забележав дека му беше пријатно кога ги слушна овие мои зборови и ја дозна темата на разговор. Повторно низ шега, тој ме праша:
- Од каде го знаете Вие тоа? Дали сте сигурен во тоа?
- Знам, затоа што Вие ми го кажавте тоа.
Јованка со нетрпение го чекаше негови��т коментар за да провери колку вистина имаше во моите зборови.
- Во право сте, другар докторе, – рече Тито и продолжи – кога Ви кажував за нашите односи, тоа го сторив не само за да искажам што чувствувам кон Јованка, туку поради тоа и Вие повеќе да ја цените и почитувате. Немам ништо против што го пренесовте нашиот разговор. И јас истото го правам кога сметам дека темите на нашите разговори се интересни.
Нашето добро расположение ја расипа забелешката на Јованка. Обраќајќи ми се мене, таа рече:
- Што не му кажете на Тито дека разговаравме за неговата масажа, и дека тоа беше главна тема на нашиот разговор?
Кога ги слушна зборовите на Јованка, Титовото расположение нагло се промени. Ме погледна испитувачки. Во неговиот поглед имаше лутина и разочарување.
- Другар претседателе, разгледувавме како да ја направиме масажата поефикасна. Инаку, се сложивме дека Ви е потребна и дека ви користи.
Додека го кажував ова, Јованка ме прострела со својот поглед, но не рече ништо. Неговото расположение повторно се врати, но само за кратко време, бидејќи прашањето на Јованка го дотолче, а тоа гласеше:
- Не ми кажа дека си ја земал масерката на вакво значајно и далечно патување. Зарем толку ти значи масажата, односно масерката што не можеш да бидеш неколку дена без неа?
Наместо да и' одговори на Јованка, Тито луто ми се обрати мене:
- Што значи ова, другар докторе?! Зарем не се договоривме дека ми е потребна секојдневна масажа? Како ги објаснувате овие прашања на Јованка, односно реакциите на Јованка?
- Љубомората е посилна од љубовта, другар претседателе.
- Каква љубомора? Зарем има причина за љубомора? – запраша Тито.
- Мислам дека нема, но подобро на ова прашања да ни одговори другарката Јованка сама.
- Благодарам докторе. Тоа се наши лични проблеми со кои не треба да Ве оптоваруваме. Слободен сте.
Излегов нерасположен од салонот. Во главата ми се вртеше мислата: „Љубомората е чедо на љубовта, која ја убива љубовта. Опседнатоста на Јованка со масажата и масерките не води кон добро“.
(Продолжува)
Претходните делови на фељтонот може да ги прочитате ТУКА |