04.01.2013, 15:45 Финализиран договорот за новата сала „Јане Сандански“
Општинарите од Аеродром и фирмата „Јане Сандански“ потпишаа договор за изградба на спортски центар на местото на сегашната истоимена сала. Фирмата што ќе го гради спортскиот центар е избрана преку јавна набавка како партнер-инвеститор, а треба да изгради комплетно нов објект со капацитет од 5.000 гледачи.
Главната сала ќе биде наменета за кошарка, ракомет, мал фудбал и одбојка, а според проектот ќе се изгради и помошна сала за околу 1.000 гледачи. Проектот опфаќа и хотел со ресторан за гостинските тимови, поврзан со салата и други содржини, локали, продавници, сала за состаноци, ВИП-зони, блок за медиуми, административен дел, амбуланта за спортисти и гледачи, неопходни простории за судии и за натпреварувачи, билетарница, гардероби и тоалети...
„Со изградбата на спортски��т центар нашите спортисти ќе добијат поттик и достојни услови за вежбање, а Општина Аеродром, пак, заедно со Градот, ќе имаат нов симбол и уште еден репрезентативен спортски објект во кој ќе можат да се одржуваат домашни и меѓународни натпревари“, изјави денеска градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски.
Предвидената бруто-површина за градење е околу 11.000 квадратни метри, а максималната височина ќе биде 34 метри. Салата, пак, ќе биде висока 21 метар. Спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе се гради според стандарди на ФИБА и ЕХФ со над 500 паркинг-места. (Б.Ш.)
|