03.01.2013, 09:27 Хилари Клинтон ја напушти болницата
Американскиот државен секретар Хилари Клинтон е испишана од болницата во Њујорк, каде мина три дена поради тромб во вената во близина на мозокот, соопшти Стејт департментот.
- Клинтон е испишана синоќа од болницата. Нејзиниот медицински тим истакна дека таа добро напредува во секој поглед и оти е уверен дека наскоро ќе закрепне, изјави заменик-помошникот државен секретар Филип Рејнс.
Рејнс додаде дека Клинтон е задоволна со исклучителната нега, која ја добила во болницата и оти едвај чека да се врати на работа, а датумот на нејзиното враќање во Стејт департментот се уште не е утврден.
Си-Ен-Ен синоќа објави снимка, на која се гледа како Клинтон (65) заминува од болницата, придружувана од сопругот Бил Клинтон, ќерката Челси и нејзините главни соработници.
Клинтон беше задржана на лекување во Презбитеријанската болница во неделата, отако за време на прегледот е утврдено дека во вената меѓу черепот и мозокот има згрутчување и е проценето дека во болница треба да остане најмалку 48 часа. Нејзините лекари претходно изјавија дека тромбот не предизвикал мозочен удар, ниту невролошки оштетувања.
Американската државна секретарка не е видена во јавноста речиси четири недели, откако доби стомачен вирус на враќањето од Европа на 7 декември, поради што ја откажа посетата на северна Африка. По инфекцијата таа дехидрирала, а потоа загубила свест и доживеала потрес на мозокот, кој се претпоставува дека го предизвикал тромбот.
|