03.01.2013, 11:41 Градоначалникот на Гази Баба го посети првото новороденче во 2013
На првиот жител на општината во новата година Тони Трајковски му подари штедна книшка со 20.000 денари
Градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје денеска ги посети мајката и првото новороденче во 2013 година, првиот жител на општината на кое му подари штедна книшка со 20.000 денари.
- Посебно ме радува што првото новороденче годинава во Градот Скопје е од територијата на Општина Гази Баба. Семејството Смилевски се жители на општината од населбата Хиподром. Убав пример, осмо детенце во нивното семејство и мотив за останатите граѓани дека едно семејство ако добро се организира може да има повеќе дечиња, изјави Трајковски.
На мајката и на фамилијата им посака многу успешнa, среќнa и весела 2013 година, а на бебето Филип многу здравје, голем да расте и да има убаво и безгрижно детство.
Трајковски најави дека општината и во иднина ќе му дава поддршка на семејството Смилевски.
- Досега сме помагале неколку семејства од територијата на општината со финансиски средства и други потреби. Во насока да ги мотивираме семејствата во овој период во кој Владата и Министерството за транспорт и врски ја водат кампањата за зголемување на наталитетот, сакаме да ги охрабриме нашите жители да имаат повеќе дечиња, додаде Трајковски.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Марија Хаџи Лега изјави дека мајката и новороденчето се во добра општа состојба. Таа му се заблагодари на градоначалникот на Гази Баба за укажаната помош на семејството Смилевски и им посака многу среќа, бериќет и успех на сите граѓани.
Хаџи Лега рече дека 2012 година ја завршиле со 5.700 породувања што, како што истакна, е околу 700 повеќе од претходната година.
- Првата новогодишна ноќ беше ноќ на машки бебиња. Се породија 13 бебиња од кои девет машки и четири девојчиња, додаде директорката на Клиниката, Марија Хаџи Лега. |