03.01.2013, 15:29 Геронтологија „13 Ноември“ комплетно реновирана до февруари
До крајот на февруари Геронтолошки завод „13 Ноември“ во Скопје ќе биде комплетно реновиран, со што корисниците ќе бидат сместени во двокреветни и трокреветни соби, со тоалет.
„Досега се реконструирани и целосно се завршени вториот и третиот кат. Реконструкцијата во здравствените установи е специфична работа и се реконструира кат по кат. До крајот на февруари ќе можеме целосно да го затвориме овој градежен зафат, кој чини околу 50 милиони денари и целата зграда да биде комплетно реновирана, а целосно ќе се реновираат и подрумот и кујната“, истакна министерот за здравство Никола Тодоров, по денешната посета на заводот за да види како се одвиваат градежните работи.
Директорката на Геронтолошки завод „13 Ноември“, Ленче Нелоска, рече дека на зградата која е направена во почетокот на 80-тите години ова е прво сериозно реновирање и тоа е направено темелно, во поглед на електрика, водовод, одвод, санитарни јазли, целата столарија.
Во Геронтолошки завод „13 Ноември“ и во Одделот во Битола имаат 470 пациенти. „Сега капацитетот за нијанса ќе се намали поради зголемениот стандард. Претходно имавме петокреветни, шестокреветни соби, сега веќе тоа не постои, имаме само двокреветни и трокреветни соби“, додаде Нелоска. Таа посочи дека иако парното на вториот кат, каде што се работеше, е исклучено, сепак внатре е топло, што значи, како што рече, тоа ќе придонесе да правиме и заштеди во однос на греењето. (Ј.Ј.В.) |