03.01.2013, 12:26 Декември рекорден по продажби на огнено оружје во САД
Бројот на барањата за проверка од ФБИ на луѓе кои купиле ново огнено оружје во декември достигна 2,8 милиона, што е за 800.000 повеќе во споредба со претходниот рекорд од ноември.
Во споредба со декември 2011 година зголемувањето е за 49 отсто.
Според актуелното федерално законодавство, при купување на огнено оружје Федералното биро за истраги (ФБИ) задолжително врши проверка дали купувачот не е објект на некакви ограничувања.
Во процедурата за извршување на проверките од страна на ФБИ нема и не се предвидуваат промени, посочуваат агенциите, повикувајќи се на портпаролот на Управата Стивен Фишер.
Одделно, рекордниот број купувања на огнено оружје се објаснува со купувањата за божикните празници.
Бројот на барањата за проверка не се смета за показател за реалниот број купени парчиња огнено оружје и не ги регистрира договорите меѓу приватни лица, како на пример, меѓу членови на едно семејство или меѓу колекционери.
ФБИ врши проверка само при купување на оружје од трговски објекти. При тоа позитивен резултат од првата проверка му дозволува на еден човек да купи неколку парчиња оружје.
Низ целата 2012 година во ФБИ имало вкупно 19,6 милиони барања за проверки, за 19 отсто повеќе во споредба со претходната година.
Дебатите на национално ниво за правото на американските граѓани да поседуваат огнено оружје се засилија откако на 14 декември во Конектикат, младиот Адам Ланза застрела 20 деца и шестмина возрасни лица, пред самиот да се убие. Пред тоа, Ланза ја застрелал и својата мајка, која била сопственик на оружјето, употребено од него.
Спротивно на очекувањата, по секој инцидент со пукање, интересот за огненото оружје се засилува заради стравот на луѓето за нивната безбедност или заради стравувањата дека властите ќе наложат забрана врз продажбата на определени видови оружје. |