03.01.2013, 12:12 Владата ќе гради 474 социјални станови
За изградба на овие станови кои се наменети за лица со социјален ризик и други ранливи групи издвоени се 867.833.000 денари
Во 2013 година Владата преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор ќе отпочне со градба на 474 станови во пет градови во државата. За изградба на овие станови кои се наменети за лица со социјален ризик и други ранливи групи Владата издвои 867.833.000 денари.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција соопшти дека во текот на оваа недела ќе отпочнат постапките за изградба на овие станови.
- Ќе бидат распишани јавни повици за интерес за градење на становите и ќе бидат отворени понудите, потоа ќе се пристапи кон електронска негативна аукција на која компаниите кои сакаат да ги градат становите по пат на наддавање ќе конкурираат и онаа компанија која ќе понуди најниска цена ќе ги гради становите, изјави Ѓорѓиев.
Станови ќе се градат во Скопје, во општината Бутел - 312, во Ресен 18 станови, во Демир Хисар 25, во Кочани 43 и 76 станови во населбата Точила во Прилеп.
Рокот за изградба за некои згради е до 2014, а за некои 2015 година.
Досега се изградени и распределени 559 станови за лица со социјален ризик што е најдобра гаранција за исполнувањето на ветувањата.
Становите се наменети за лица со социјален ризик и други ранливи групи меѓу кои спаѓаат деца без родители или родителска грижа, лкица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици на згрижување за деца без родители, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од неелементарни - природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојани живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, социјално загрозени лица припадници на ромската заедница, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.
- Истовремено оваа 2013 година ќе започне со разгледување и подготовка на 14 локации за изградба на згради со станови за лица со социјален ризик и други ранливи групи. За оваа група објекти е изработена проектна документација за седум градови, изјави Ѓорѓиев.
Оваа програма е дел од активностите на Владата за решавање на станбеното прашање на примателите на социјална парична помош и, како што истакна портпаролот, освен што се решава станбеното прашање на многу семества, ваквите инвестиции придонесуваат и за раздвижување на градежништвото кое обезбедува егзистенција и работа на компаниите и вработува огромен број граѓани. Ова го помага и локалниот развој на општините. |